Екипи од ЈП „Водовод и канализација“ од градот, денеска од изутрината интензивно работат на отстранување на дел од проблемите, што ги посочија жителите на населбата „Тризла“ на синоќешната средба со градоначалникот Илија Јованоски и надлежните од ова претпријатие и ЈП „Комуналец“, Емил Јанески и Ѕвонко Јованоски, во големата сала на Општина Прилеп.
Извршена е поправка на водоводни приклучоци. Интервенирано е на улица „Тризла“ и отстранети се дефекти на водоводната линија. Преземени се активности за монтажа на премини под сообраќајници на улица „Дебарца“.
„Со цел да се излезе пресрет на барањата на жителите, ЈП ‘Водовод и канализација’ контактираше со водостопанското претпријатие ‘Прилепско Поле’, за дефинирање на можностите за обезбедување на непречено водоснабдување на домаќинства, што имаат приклучоци на мрежата на хидросистемот во населбата ‘Тризла’, поточно на улица Дебарца“, информираат од ЈП „Водовод и канализација“.