Исполнето главното барање на работниците од „11. Октомври – Еурокомпозит“

Предлог законот за претворање на побарувањето на државата по основ на
јавни давачки во траен влог во прилепски „Еурокомпозит“, со којшто на
работниците ќе им бидат надоместени придонесите за пензиско и инвалидско
осигурување во висина од околу 2.000.000 евра, беше повод за денешната
средба помеѓу менаџментот, работниците и синдикатот од компанијата, со
градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски, заменичката на
Претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска и
претседателот на Совет на Општина Прилеп, Миле Талевски.

„Владата многу сериозно од првиот момент пристапи кон решавање на
проблемот со „Еурокомпозит“, кој беше повеќегодишна агонија, не само за
Прилеп, туку пред се’ за вработените во компанијата. После многу консултации
со тимот, особено со синдикатот, успеавме да изнајдеме решение со кое ја
решаваме долгогодишната неправда. Законот којшто Владата веќе го испрати
во собраниска процедура, значи дека Владата со наши средства ќе обезбеди
покривање на повеќегодишните неисплатени придонеси на вработените. На тој
начин и дополнително ќе ја консолидираме фирмата , ќе овозможиме нејзино
непречено функционирање и исполнување на обврските кон вработените.
Сакам и во име на Владата да се заблагодарам и на претставниците на
компанијата, на претставниците на вработените, на синдикатот, знаеме дека не
беше секогаш лесно да се верува дека ќе дојдеме до решение, сме се
„испекле“ 100 пати, меѓутоа, чекор по чекор стигнавме до целта. Законот кој
веќе е во собраниска процедура, нема потреба од двотретинско мнозинство,
така што не очекувам негативни изненадувања. Очекувам силна поддршка од
Собранието и очекувам силна поддршка кон решавање на еден проблем кој во
Прилеп хранел на времето 300 семејства. И тоа е важна порака и за
економијата и за регионот и за Прилеп“, изјави Шекеринска.

Заменичката на Претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила
Шекеринска потенцираше дека во последнава година Владата покажува дека
членството во НАТО и идното членство во Европската Унија, навистина влијае
на економијата. При тоа дополнувајќи дека зголемувањето на бројот на
странски инвеститори за кои Владата е убедена дека ќе бидат заинтересирани
за „Еурокомпозит“ и за негова понатамошна консолидација, покажува дека со
членството во НАТО им се дава сигурност на потенцијални и сегашни странски
и домашни инвеститори.

„Во овој момент да кажам дека од првото мое доаѓање како градоначалник на
Општина Прилеп, заедно со вработените, со синдикатот, со тогашното и со
сегашното раководство на „Еурокомпозит“, бев вклучен во целиот тој процес на
отпочнување на преговори со Владата, заедно со вицепремиерот Анѓушев и со
премиерот Зоран Заев, со кои цело време сакавме да се изнајдеме решение за
„Еурокомпзит“.

20 и нешто години траеше голготата на вработените од „Еурокпомозит“. Но,
мислам дека сега е крајот на таа голгота за решавање на овој горлив проблем
посебно за сегашните и поранешни вработени, на кои сега ќе му се платат
придонесите, ќе им се регулираат стажот и пензијата, а сето тоа благодарение
на оваа мерка на Владата. Јас сум сигурен дека понатаму „Еурокомпозит“ со
новото раководство ќе најде и сили, можност и ресурси за да излезе на правиот
пат и еднаш и засекогаш проблемот на компанијата да биде решен.“, изјави
градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски.

„Овој чекор што се направи сега, е големиот чекор. Нема да застанеме тука и нема да се задоволиме само со ова, меѓутоа работите ќе ги решаваме чекор по чекор. Тоа значи дека со тек на време сакаме оваа фирма да ја рестартираме, да биде продуктивна, а со цел да го вратиме имиџот кој порано го имаше
„Еурокомпозит“ и да бидеме пример не само во нашата држава, туку и надвор. Само со работа ние може да постигнеме многу, и тогаш ќе разговараме и за отпремнини и за регрес на годишен одмор, како и за ред руги работи.“, посочи новиот в.д. директор на „11. Октомври – Еурокомпозит“, Миле Тоцев.

На средбата со „Еурокмпозит“ и претходеше средба во кабинетот на градоначалникот на Општина Прилеп, каде градоначалникот Јованоски и претседателот на Совет, Миле Талевски, разговараа со заменичката на Претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, за сите проекти кои Општината ги реализира со државните министерства.