Градоначалникот на Прилеп, денеска во посета на Општина Штип и фабриката „Брилијант“

Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски денеска беше во посета на Општина Штип и фабриката „Брилијант“, чиј што сопственик веќе половина година е прилепската прехранбена индустрија „Витаминка“, македонски врвен бренд во својата дејност.

 

На средбата со градоначалникот на општина Штип, Благој Бочварски беа разменети искуства за бројни прашања коишто се во агендата на двете општини.

„Ние сме две приближно исти општини. Особено што заедно учествуваме во работата на ЗЕЛС,со градоначалникот разговаравме за битни прашања за двете општини, од областа на урбанизмот, инфраструктурата, културата, спортот, социјалната заштита, за новиот закон за урбанистичко планирање… Дојдовме до заеднички решенија, договори и сметам дека овие средби ќе продолжат и натаму“, истакна градоначалникот Илија Јованоски.

При посета на производствените капацитети на „Брилијант“, тој ја акцентираше развиената деловна политика на прилепската компанија „Витаминка“, како гаранција за успех во работата и со новата инвестиција во Штип.

„Можам да искажам задоволство, затоа што еден наш гигант, брендот ‘Витаминка’ ја освојува Македонија во сите градови, да не речам и пошироко. Бренд признаен во светот е ‘Стоби Флипс’, се надевам ќе биде и ‘Брилијант’. Убеден сум дека ќе бидат задоволни и вработените во оваа компанија и штипјани воопшто, затоа што и прилепчани се задоволни од ‘Витаминка’, од раководниот тим на ‘Витаминка’. И како општествено одговорна компанија, ќе го почувствуваат тој благодет, како и прилепчани“, акцентираше градоначалникот Јованоски.

И неговиот колега од Штип, го изрази задоволството од поканата по повод рестартирањето на оваа фабрика.

„Брилијант“ за општина Штип е многу значаен капацитет. Оваа е една од најсилните фабрики во градот и затоа можам да бидам горд, затоа што повторно е на пазарот и повторно ќе биде доминантна во Република Македонија. А, по тоа што го слушам во најавите и во регионот. Задоволство ми е што сите вработени се враќаат овде на работа и што фабриката има големи планови за проширување на капацитетите“, рече градоначалникот на Штип, Благој Бочварски.

Тој акцентираше дека Општина Штип работи на проектирање на гасификацијата, што ќе биде голем бенефит и за „Брилијант“.

„Еден крак ќе биде донесен и овде, до овој реон, за да ги приклучиме сите индустриски капацитети, коишто се заинтересирани за гасот како енергенс. Со тоа како локална самоуправа ќе придонесеме за намалување на трошоците на нашите домашни бизнисмени, и компании што гравитираат, со цел да бидат поконкуретни и на пазарот. Продолжуваме со раководниот тим заедно да работиме и во делот на инфраструктурата за да ги подобриме условите и за отворање на нови работни места“,рече градоначалникот Бочварски.

Прилепската „Витаминка“ како нов сопственик на фабриката „Брилијант“ ги рестартираше капацитетите пред половина година. По шестмесечна успешна работа, ангажираност од 40 % на капацитетите, повторно освојување на пазарот и присуство во сите трговски синџири, денеска пред медиумите беа презентирани позитивните резултати од  работата.

„Работиме на враќање на брендот на пазарите и во околината, во Албанија, Косово и Србија. Во Србија работите тешко се движат, но во Косово ни се отвори шанса. Интензивно работиме со косовскиот пазар и насочени сме кон обработка на теренот.Ги презедовме сите вработени од фабриката ‘Брилијант. ‘Витаминка’ ја има најдобрата комерцијална и дистрибутерска мрежа во Македонија, исто така и транспорт, така што досега немаме доцнење во транспортот на нашите купувачи“, истакна Сашо Наумоски, генерален директор на „Витаминка“.

Бидејќи во државата нема суровини за производство на маслата од брендот „Брилијант“, тие најголем дел се набавуваат од Бугарија, а во мали количества од Србија. Во „Витаминка“ негуваат надежи дека ќе се најде заеднички јазик со Владата на Република Македонија, за зголемување на субвенциите за сончогледот, со што ќе се обезбеди и трајна суровина.

„Се надеваме дека така заедно со ‘Благој Ѓорев’ ќе вршиме откуп на сончоглед, рафинирање на сурово масло,а подготвени сме ние да го купуваме целиот вишок на производство од фабриката ‘Благој Ѓорев’“,акцентираше Наумоски.

Иако гасот е поскап за 3 до 4 пати, имајќи ја предвид актуелната еколошка состојба во државата, „Витаминка“ одлучи и за оваа фабрика во Штип, да се користи метан, а не мазут како досега.Фабриката како што истакнува Наумоски е изградена по сите стандарди, со еколошки дозволи.

„Ова шестмесечно искуство за нас е ново, значи многу различен производ од нашето производство во ‘Витаминка’. Овој е многу обртен производ, со многу помали профити и марџи, голема конкуренција, многу чувствителен социјален производ и ни даде многу поттик за работа со нашите производи, побрза дистрибуција, побрза посета на маркетите, така што ја подобривме и нашата дистрибуција со ‘Витаминка’. Но, имаме и ефект на поефтинување на трошоците со количествата (тони) масло што ги продаваме“, рече Наумоски.

Тој акцентриаше дека цената на маслото нема да се зголеми. Како што рече нема најави за зголемување ниту на светските берзи. ‘Брилијантот’ е преземен со цена од 64, а сега се продава за 55 денари за литар.