Градоначалникот Борче Јовчески денеска го посети археолошкиот локалитет Стибера кај Прилеп каде откриен е ексклузивен наод, мермерна биста на жена за која се смета дека е Фаустина, сопруга на римскиот император Антониј Пиј, кој владеел во средината на 2 век од нашата ера. Според археологот од Прилепскиот музеј Душко Темелкоски, новите откритија меѓу кои се и прва агора во голем обем во земјава и мерна маса, го потврдуваат епитетот за „македонската Помпеја“ која нуди значајни наоди.
„Стибера е еден од најзначајните антички градови. Еден од најзначајните археолошки локалитети. Културата, културно-историското наследство ќе биде во сферата на мојата работа како градоначалник во наредниве 4 години. Стибера е локалитет кој заслужува да биде виден од целиот Свет. Како Локална самоуправа во рок од месец дена ќе поставиме информативни табли и патокази. Лично, ќе се ангажирам Стибера да стане тоа што заслужува. Сакам да упатам честитки до Душко Темелкоски и целиот тим кој работи на истражувањата во Стибера. Со нивната работа, со нивните откритија тие се гордост на цела Македонија“, посочи градоначалникот Јовчески во својата изјава.
„Се наоѓаме на локалитетот Стибера кај село Чепигово Стибера бил значаен урбан центар во Пелагонија. Започнал со своето постоење во времето на македонските кралеви некаде во 3 век пред нашата ера меѓутоа својот процут го имал во римско време за време на римската империја поточно во првиот и вториот век од нашата ера и градбите што ги откриваме на самиот локалитет се од тој римски период. Откриени се повеќе градби: Гимназион, Храм посветен на богињата Тиха која била заштитничка на градот, храм посветен на Императорот, но во последните години акцентот на археолошките истражувања го насочивме во горниот дел од акрополата на градот Стибера каде што конкретно оваа година пронајдовме мошне репрезентативни наоди всушност ја најдовме Агората, плоштадот, пазариштето на градот Стибера. Исто така најдовме репрезентативни наоди од мермер како што е: биста од сопругата на римскиот император Антони Пиј. Во Стибера се откриени и две мерни маси. На едната била најверојатно поставена вага за овошните плодови, зеленчукот и житарките, а другата маса е раритетна бидејќи е мерна маса за верификација на количествата на течните продукти (млеко, вино)“, посочи Душко Темелкоски археологот од Прилепскиот музеј.
Најрепрезентативен наод е бистата веројатно на Фаустина, жената на римскиот император Антониј Пиј. Тоа е време на најголемиот процут на градот, односно благосостојба на територијата на целото римско царство. Кога Фаустина релативно млада починала во 140 година од н. е, императорот ја прогласува за човек-божество. Во годините што следат во нејзина чест насекаде во царството се подигаат комеморативни бисти со нејзин лик. Бистата од Стибера била поставена на постамент во ниша која била луксузно декорирана со флорална орнаментика. Таа според извонредната изработка претставува можеби најрепрезентативниот пример на познатата работилница за мермерни скулптури во градот, вели археологот Темелкоски.