Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски по средбата со директорот на Републичкото јавно претпријатие „Студенчица“, Урим Ахмеди денеска повторно оствари средба со директорот на ЈКП „Водовод и канализација“ Сашо Николоски, со цел изнаоѓање итно решение за водната криза, со која што Прилеп се соочува последиот период.
„Последниве неколку недели недостасуваат доволни количества вода во Прилеп, тоа граѓаните го чувствуваат. Во мојата предизборна кампања ветив, и тоа ќе биде мојата прва заложба – решавање на овој проблем. Изворот „Студенчица“ е главен извор на вода за овој град. Вчера бев во посета на Републичко јавно претпријатие „Студенчица“ и од страна на директорот бев информиран дека издашноста на изворот е само 510 литри вода во секунда. Оваа е најмала издашност од постоењето на системот. Вложувам и ќе вложам максимални напори во иднина заедно со ЈКП „Водовод и канализација“, овие критични моменти да се надминат,домаќинствата да не останат без неопходните количества вода за пиење во своите домови. Во рамките на можностите, сепак да се обезбедат оптимални услови за подобрување на водоснабдувањето“, истакна градоначалникот Јованоски.
Јованоски додаде дека согласно хидролошката состојба во државата единствен начин за подобрување на водоснабдувањето во Прилеп е ревидирање на распределбата на вода во системот „Студенчица“.
„Тоа е единственото ургентно решение во моментов и ако добро се менаџира можеме да очекуваме подобро водоснабдување во Прилеп. Ќе се заложам тоа да се спроведе. Има можност протокот за Прилеп да се зголеми за одреден процент. Се надевам дека во иднина, овој проблем ќе се реши и во Прилеп ќе доаѓаат барем 120 литри вода во секунда“, акцентираше градоначалникот Јованоски.
Директорот на на ЈКП „Водовод и Канализација“, Сашо Николоски ја презентираше актуелната состојба на изворот „Студенчица“. Како што рече во моментов за Прилеп, доаѓаат околу 80 литри вода во секунда. Со количествата што се обезбедуваат од бунарите, вкупно на располагање на домаќинствата се околу 240 литри вода во секунда. Проблемот е особено изразен во викенди, кога има помал доток на вода од „Студенчица“, а потребите на граѓаните се поголеми.
„За викенд стигнуваат само 30 до 40 литри вода во секунда. Од наши извори имаме околу 150 литри. Во викенд потрошувачката кај граѓаните е зголемена од 360 до 400 литри во секунда, додека во работен ден потребни се 240 до 260 литри. Ги подготвуваме сите бунари, ја подготвуваме препумпната станица за висока зона. Според тоа доколку има потреба, а најверојатно ќе има, ќе бидат активирани и тие. Но, ова решение е за ублажување на ситуацијата, а во никој случај не можеме да зборуваме за целосно нормализирање на состојбата. Во моментов се активни околу 20 бунари“, рече Николоски, директор на на ЈКП „Водовод и Канализација“ – Прилеп.
Николоски потенцираше дека иако според договорот, направен пред повеќе години, 150 литри од „Студенчица“ треба да одат за ТЕЦ „Осломеј“, термоелектраната во оваа водена криза нема да биде ставена во погон.
Според водостопанската согласност 30% од количините на „Студенчица“ треба да добива Прилеп, но засега тие договорени количества не стигнуваат во градот. Николоски рече дека таа распределба не треба да остане само на хартија, туку и технички да се спроведе, затоа што Прилеп е последна станица на регионалниот водовод и треба да се надмине овој хендикеп.
„Мислиме дека и со овие 510 литри вода во секунда од „Студенчица“, ако добро се менаџира, и ако ние успееме да добиеме околу 120 литри вода во секунда во Прилеп водоснабдувањето ќе се нормализира. Се прават мали редукции за да се снабди со вода населбата „Тризла“. Но, тоа трае само еден до два часа. Тогаш се намалува притисокот на населбата „Рид“, за да добие вода населбата „Тризла“, додаде Николоски.
Одговарајќи на новинарско прашање зошто проектот на КФВ банката не го реши проблемот со водоснабдувањето на Прилеп, како што со години се најавуваше, рече дека со проектот на КФБ банката за рехабилитација на водоводната мрежа загубите на вода се намалиле од 80% на под 50 отсто. Без овој проект потребите на градот сега би биле 450 литри вода во секунда, а не сегашните 250. Главниот проблем на Прилеп е високата зона и може да биде решен единствено со вода од „Студенчица“.
На новинарско прашање што ќе се превземе, доколку се случи издашноста на изворот „Студенчица“ да падне и под 500 литри вода во секунда, во пресрет на зимскиот период, кога и потрошувачката на вода се зголемува Николски рече :
„Нови количини на вода во овој момент Прилеп, нема. Може да се искористат само бунарите. Но, и тие веќе работат 5-6 месеци. Ситуацијата е алармантна. Засега да бидеме реални нема некоја страшна криза каде градот останал без вода со часови. Има нарушено водоснабдување, но без големи кризи. Доколку паднат ниски температури ќе се зголеми потрошувачката и тогаш може да дојде до такви проблеми. Не можам да дадам прогноза. Сè ќе зависи од временските услови како ќе се одвива ситуацијата. Засега не размислуваме за воведување редукции, иако е подготвен план, којшто ќе биде активиран доколку ситуацијата се влоши“, истакна Николоски.
Тој акцентираше дека квалитетот на водата за пиење е добар и дека се вршат секојдневни анализи.
На новинарско прашање дали би се зголемила цената на водата со оглед на зголемите трошоци, Николоски рече дека од 01.01. 2018 година Регулаторната комисија врз база на изготвен бизнис план од ЈКП „Водовод и Канализација“ во соработка со консултанти од ЕУ и Регулаторната комисија за енергетика, ќе ја одредуваат цената на водата. Дали ќе биде максималната понудена вредност или минималната ќе даде согласност Советот на Општината, но цената сепак ќе ја утврдува Регулаторна комисија.