Граѓани од населбата „Тризла“ вечерва на средба со градоначалникот Илија Јованоски посочија на бројни проблеми што не биле решавани со години. Тие побараа итни решенија за горливи прашања, како што се чиста вода за пиење, чистење на депониите, асфалтирање на сообраќајниците, изградба на патна инфраструктура во најзагрозени делови од населбата како „Три багреми“, „Мексико“, „Дебарца“. Граѓаните од овој дел на Прилеп веќе со години немаат елементарни услови за живот. Тие беа оставени без никаква помош од институциите.
„Во рамките на ‘Граѓанскиот парламент’, што го одржувам со граѓаните, невладините организации и разни здруженија, во тој дух вечерва ќе имаме средба со нашите сограѓани Роми. Заедно на овој состанок ќе ги утврдиме проблемите со коишто се соочуваат и решенијата што ќе следат потоа. Сите заедно ќе се стремиме да ги решиме проблемите на овие граѓани, особено од населбата ‘Трзила 2’, како што се местата викани ‘Три багреми’ и ‘Мексико’, каде состојбата е најкритична. Се надевам дека сите овие проблеми во иднина, постепено ќе ги решаваме заедно со граѓаните и невладините организации“, истакна градоначалникот Јованоски.
Претставниците на невладите организации порачаа дека со ваквите средби се докажува дека ромската заедница е активен чинител во процесите на донесување одлуки во општеството. „Имајќи предвид дека е во подготовка буџетот за 2018 година, на денешната средба со градоначалникот Јованоски бараме да нè извести за планираните активности кои што треба да се реализираат во населбата ‘Тризла 2’, но исто така и да ги слушне нашите идеи и предлози во делот на приоритетите, со кои се соочуваа ромската заедница. На ваков начин всушност покажуваме дека ромската заедница е активен чинител во процесите на донесување одлуки и со тоа се стремиме кон една заедничка интеграција, која ќе овозможи еднаков пристап на сите Роми во процесите на донесување одлуки“, изјави Несиме Салиоска, од невладината организација „РОМА С.О.С.“
Граѓаните посочија на бројни проблеми. За секој од нив добија адекватни одговори, од градоначалникот и надлежните на двете комунални претпријатија „Водовод и канализација“ и „Комуналец“, Емил Јанески и Ѕвонко Јованоски. Надлежните ветија дека секој посочен проблем ќе биде итно земен во вид, колку од службите на Општина Прилеп, толку од јавните претпријатија. Целта е што поскоро да се решат овие проблеми и да им се олесни, што може повеќе животот на граѓаните од „Тризла“.