Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски максималнo ги поддржува младите спортски таленти од општината. Денеска во неговиот кабинет, Јованоски оствари средба со фудбалерот Дино Спиркоски, којшто сега игра за хрватски „Запрешиќ“. Спиркоски во „Запрешиќ“ заминал по препорака на прилепскиот фудбалски ас, Илија Нестороски. Младиот Спиркоски вели дека негов омилен тим е Барселона, а негов идол Иниеста. Тој се надева дека еден ден ќе игра за овој тим.
„Како и сите млади фудбалери, јас на 8 годишна возраст својата кариера ја започнав во прилепска „Победа“, каде настапував 3 години. Потоа заминав во Вардар, таму играв 5 години, а од таму по препорака на Илија Нестороски ја продолжувам кариерата во „Запрешиќ“. Сите ние млади спортисти бараме средина каде можеме да се развиваме, така и јас се пронајдов во Хрватска. Се надевам дека во иднина ќе продолжам со ова темпо и дека ќе го заменам Нестороски“, истакна младиот фудбалер Спиркоски.
Градоначалникот Јованоски ја изрази повторно својата безрезервна поддршка за сите талентирани спортисти од Прилеп.
„И денеска имаме прием во нашата Општина на млад спортист кој треба да замине на подготовки во друга држава, во Запрешиќ, Хрватска и тоа на предлог на нашиот Илија Нестороски. Се надевам дека овој млад и надежен спортист ќе тргне по стапките на Нестороски. Уште еднаш со ова докажуваме дека како локална самоуправа ги поддржуваме максимално и безрезервно сите млади спортисти од нашиот град.Оваа поддршка ќе продолжи со несмалено темпо и во иднина“, рече градоначалникот Јованоски.