На покана на градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски денеска во Општина Прилеп се одржа средба со претставници на граѓанскиот сектор, граѓани-жители на населбата „Тризла“, родители, најдобрите ученици, дел од наставниот кадар во ОУ „Добре Јованоски“ и членови на Советот на Општина Прилеп.
Оваа средба е во рамките на активностите на градоначалникот Јованоски по повод Меѓународниот ден на Ромите. Тој ја истакна својата лична и заложбата на Општина Прилеп за градење демократско општество кое што се темели врз почитување на елементарните човекови права, бришење на дискриминацијата и кршење на предрасудите и стереотипите.
„Сите заедно со граѓанските здруженија од ромската популација, ќе направиме сè во иднина, и овој дел од градот да биде целосно интегриран во демократското општество,жителите да ги остваруваат елементарните улови, човекови права. Впрочем овој проект за подобрување на условите за живот на граѓаните во овој дел од градот, го започнавме како локална самоуправа од моментот на доаѓање на новата локална власт. Ја тампониравме главната сообраќајница што води до ‘Три багреми’, потоа ја зајакнавме електрификацијата со нови столбови и нова електро-инсталација, го подобривме водоснабдувањето со отстранување на одредени технички недостатоци, организиравме јавен превоз за учениците од ОУ ‘Добре Јованоски’, што живеат во населбите ‘Три багреми’ и ‘Мексико’. Во постапка е процесот за легализација на дивоградбите како почеток на урбанизација на овој дел од градот“,истакна градоначалникот Јованоски.
Претставниците на граѓанската организација „Ромска солза“, ги поздравија напорите и заложбите на градоначалникот Илија Јованоски за подобрување на животот на граѓаните Роми .
„Сè што кажа градоначалникот е вистина. Жителите тоа најдобро го чувствуваат. Бенефициите ги користат жителите на таа населба, меѓутоа ние како организација секогаш се стремиме кон уште подобро. Затоа напорите мора да продолжат. Не можеме да се помириме со фактот дека тоа е сè што може да се направи во текот на овие четири години. Секако дека треба да се реализираат нови проекти. Убеден сум дека новата локална власт и новиот градоначалник ќе се заложи да се подобри квалитетот на животот на Ромите во Прилеп и дека тој императив да нема дискриминација по ниту еден основ, ќе го оствариме“, порача Киршан Мамудоски, од НВО „Ромска солза“.
Според директорката Сузана Даркоска во ОУ „Добре Јованоски“ учат 1222 ученици од нив 937 се од ромска националност.
„Горди сме на нашите ученици. Имаме добра соработка со родителите, континуирано сме во комуникација. Во училиштните одбори сега има и двајца родители Роми, имаме соработка со сите невладини организации. Да го напоменам грантот што го добивме заедно со НВО ‘Рома перспектив’ за промена на дограмата и санитарните јазли, така што од септември учениците ќе учат во сосем нови услови“, изјави директорката Даркоска.
Советникот Адем Мамудоски во оваа прилика го изрази задоволството од соработката со градоначалникот Јованоски.
„Сите дадени ветувања се реализирани. Но, има уште проблеми и прашања коишто треба да се решат, и за коишто немам сомнеж дека ќе се решат во соработка со градоначалникот“, рече Мамудоски.
Според советникот Сами Ајдини, образованието е најголем приоритет за граѓаните Роми од Прилеп.
„Прв приоритет е образованието, втор е домувањето, особено на улиците ‘Горна Беровска’, ‘Гостиварска’, ‘Три багреми’, ‘Дебарца’, па и социјално загрозените семејства да го подобрат својот социјален статус во делот на вработувањето,претежно кај младата популација. Трет приоритет е да се подобри соработката на релација: Општина-институции-граѓани,со цел да ги реализираат граѓаните своите приоритети“, порача и советникот Ајдини.