Во насока на воспоставување и зајакнување на соработката на релација Општина
Прилеп-бизнис сектор, градоначалникот Илија Јованоски и претседателот на Советот на Општина Прилеп, Миле Талевски денеска ја посетија „Прилепска Пиварница“. По средбата со менаџерскиот тим, генералниот директор Сашо Самарџиоски и со заменик генералниот директор, Панде Самарџиоска, тие ги посетија производствените капацитети на оваа прилепска компанија, врвен бренд не само на прилепското, туку и на македонското стопанство.
Истакнувајќи го значењето кое оваа компанија го има за прилепското и
македонското стопанство, градоначалникот Јованоски рече дека „Прилепска
Пиварница“ е пример за останатите стопански капацитети, за тоа како треба
постојано да инвестираат во современа технологија.
„Прилепска Пиварница“ не е бренд само на нашиот град и Република Македонија,
туку и пошироко. Ова што денеска го видов во компанијата, ми дава за право да
бидам горд како граѓанин, а уште повеќе како градоначалник на Општина Прилеп.
Посебно горди треба да бидат менаџерскиот тим и вработените, бидејќи направиле компанија за респект. Карактеристики на оваа компанија се: квалитетот, стандардите и високата технологија на производство, поради што и компанијата „Пепси“ и додели „Златна плакета“, којашто е една од 18-те доделени во целиот свет. Ние како локална самоуправа ќе ги поддржиме сите проекти на оваа компанија и ќе направиме се’, таа да биде уште поуспешна од досега“, порача градоначалникот Јованоски.
Сашо Самарџиоски, генералниот директор на „Прилепска Пиварница“, го изрази задоволството од денешната посета на општинската делегација, предводена од градоначалникот Јованоски. Како што потенцираше, „многу ретко се случува претставници од политичкиот живот да покажат интерес за производствениот процес во ‘Прилепска Пиварница“.
„Оваа посета ја искористивме да размениме мислења за некои стратешки одлуки
коишто Пиварницата треба да ги преземе во иднина. Тука локалната самоуправа ќе
биде важен чинител, затоа што без нејзина помош и помош на градоначалникот,
тешко дека можеме сами да опстоиме во своите намери за понатамошни
инвестиции. Јас се надевам дека соработката која и така е на високо ниво, ќе
продолжи и понатаму со цел да ги заокружиме процесите кои ги имаме во предвид
за наредните години“, истакна Самарџиоски.
Последната инвестиција на „Прилепска Пиварница“ што е во тек, е линија за
производство на пиво и газирани безалкохолни пијалоци во пластична амбалажа.
Висината на инвестицијата изнесува 6 милиони евра и е реализирана со
сопствени средства.