Со богата трпеза, со песни и ора, со најубави желби денеска си го честитаа жителите на Канатларци празникот Ѓурѓовден, којшто традиционално го слават во околината на селото. На оваа прослава присуствуваа истакнати претставници од турските општини Бајрам Паша и Измир, каде што живеат и многу жители од Канатларци и каде што се регистрирани и здруженија на жители од ова населено место. На традиционалната прослава присуствуваа и градоначалникот Илија Јованоски и претседателот на Советот на Општина Прилеп, Миле Талевски.

„Ви го честитам празникот со најубави желби и сакам да истакнам во оваа прилика дека се што ветив во предизборието ќе биде остварено,зашто е дел од Програмата за работа на Општина Прилеп. Но, паралелно сакам да се заблагодарам и на гостите од Турција, на вниманието и поздравите што доаѓаат од истанбулската општина Бајрам Паша и од пријателската општина Измир. Воспоставените релации ќе ги негуваме, и ќе ја интензивираме нашата соработка за доброто на сите, на жителите од Канатларци“, акцентираше градоначалникот Јованоски.
Честитки по повод празникот упати и претседателот на Советот, Миле Талевски.
