Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски и вицепремиерот Кочо Анѓушев денеска беа во официјална посета на „Комфи Ангел“, македонски лидер во текстилната индустрија. Целта на оваа посета е финансиската помош што компанијата ја доби од Владата од фондот наменет за инвестициски развој на македонското стопанство. „Комфи Ангел“ е извозна компанија, со реномирани светски брендови. Оваа поддршка според очекувањата, ќе го стимулира производството и извозот.
-„Комфи Ангел“ е успешна компанија, како на домашната,така и на странската бизнис сцена. Како успешна и општествено одговорна компанија, таа е пример за другите компании. Новите владини мерки ќе помогнат за нови инвестиции, подобрување на дејноста и сигурно, подобро производство во иднина-, рече градоначалникот Јованоски.
Според вицепремиерот Кочо Анѓушев, компанијата лидер во текстилната индустрија во земјата, ги задоволува условите за користење средства од државната помош за финансиска поддршка на инвестициите од македонските компании.
-Оваа година ќе бидат поддржани над 100 компании, а следната година веќе имаме оддвоено 36 % повеќе средства за поддршка на македонското стопанство. Лично многу сум задоволен гледајќи што овде се случува, со средствата коишто ќе бидат доделени од страна на државата, а тие ќе бидат само 10 % од тоа што ќе биде овде инвестирано. Остатокот ќе биде инвестиран од страна на сопственичката структура односно од сопствениците од компанијата. Ќе биде модернизација на машинскиот парк, осовременување на производството, а сето тоа, со цел да се постигне поголема продуктивност на производството и компанијата да биде поконкуретна на светските пазари. -изјави вицепремиерот Анѓушев.
Според Анѓушев државата нема да даде пари авансно, туку за веќе инвестирани средства. Така што на крајот на 2018 година ќе се изврши поврат на средствата, инвестирани во 2017 година.
Според министерот Бардул Даути, откако странските инвеститори ќе согледаат дека земјата е политички стабилна, ќе расте и бројот на странските инвестиции.
-Ги повикуваме освен „Комфи Ангел“ и сите други регионални фирми да аплицираат за државна финансиска помош, ако ги исполнуваат законските критериуми. Не е малку 10 % финансиска помош од државата. Само тоа треба да се реинвестира следната година, за да се поттикнуваат инвестициите и да имаме поуспешна економска перспектива – рече Даути, министер без ресор,задолжен за странски инвестиции.
Сопственичката на конфекцијата „Комфи Ангел“, Ирена Јакимоска се заблагодари на Владата, зашто, како што рече, конечно по 14 години постоење, компанијата добива за прв пат финансиска помош од Владата.
-Планираме да го продолжиме процесот на инвестирање во контекст на зголемување на степенот на извозот и стабилизација на работната сила и зголемување на животниот стандард.Од истите причини мора да инвестираме во техничко-технолошки развој и сите сами знаеме дека процесот на технолошка револуција и индустријализација број 4 е длабоко почнат и доколку сакаме да градиме економски раст на нашата компанија и нашата држава, ние мора да се носиме со сите тие предизвици-рече Јакимоска.
Таа акценираше дека „Комфи Ангел“, континуирано се бори за надградување на регулативите за да се постигне раст и развој, но и економска стабилност на државата.
„Не е самокофинансиската помош од овој закон за кофинансирање, она што дефинитивно би го поздравила. Тоа се мерки коишто оваа Влада ги презема, а беа користени во кампањата, како што беше мерката од законот за прекршоци и глоби, којашто премногу ќе ни помогне пред се да се наградиме и едуцираме за тоа што значи да не ги кршиме регулативите. Глобата не е ефект ни за државата, ни за компанијата, тоа е едностран импакт, но многу поквалитетно и подобро е кога, некој ви укаже на кој начин треба да ја имплементирате регулативата со цел да ги градиме своите бизниси на ниво на кое што треба – рече Јакимоска.