Неформалната група на граѓани „ПрилепНаТочак“, вечерва по 48 пат ја одржа
„Критична маса“, која во Прилеп се одржува секоја последна среда во месецот.
„Како иницијатива „ПрилепНаТочак“ постои 4 години. Тоа е неформална
организација која што нема конкретно раководство и водачи, туку е збир на луѓе кои
секојдневно го користат велосипедот како превозно средство. „Критична маса“ е
настан што се случува еднаш месечно и има за цел да ја зголеми јавната свест за
велосипедот како превозно средство. Истовремено, тоа е еден вид протест или
укажување, да се подобрат условите за возење велосипед“, рече Борче Колароски
од неформалната група „ПрилепНаТочак“.
„Вечерва ја возиме 48-та „Критична маса“. Ќе возиме по главните улици на градот,
возиме во една колона по десната страна. Заедно со „ПрилепНаТочак“, кои се
грижат за безбедноста во возењето и за редот во сообраќајот“, рече Даме Димески,
еден од редовните учесници на „Критична маса“.
На вечерашното одбележување на четвртиот роденден на „ПрилепНаТочак“, покрај
повеќе од 150 граѓани на Прилеп, учествуваа и градоначалникот на Прилеп Илија
Јованоски и амбасадорот на Кралството Холандија, Вилем Ваутер Пломп. Покрај
искажувањето на неговата лична поддршка и поддршката на Општина Прилеп,
градоначалникот Јованоски на најмладите учесници им подари заштитни капи за
возење велосипед.
„Освен што ја поддржуваме оваа иницијатива, ние се грижиме и за безбедноста на
велосипедистите. Во оваа прилика на сите млади учесници сакам да им подарам по
една заштитна капа и ова треба да биде еден поттик за сите велосипедисти да
користат вакви капи. На неформалната група граѓани „ПрилепНаТочак“ сакам да им
го честитам јубилејот, четвртиот роденден и се надевам дека во иднина сите
заедно ќе се погрижиме да направиме што повеќе велосипедски патеки во градот“,
истакна градоначалникот Јованоски.
Вилем Ваутер Пломп, амбасадорот на Кралството Холандија, го истакна своето
задоволство што присуствува на оваа манифестација и што сѐ поголем број граѓани
во градовите во Македонија го користат велосипедот.
„Денеска во Скопје се вози 73-та „Критична маса“ и го слават шестиот роденден,
„ПрилепНаТочак“ го слави четвртиот роденден и тоа е одличен показател како
граѓанска иницијатива и граѓански движења, заедно со општините, заедно со
градоначалникот на Прилеп, можат да направат одлични промени во градовите“,
изјави амбасадорот Пломп.
На заедничкото возење велосипед во рамките на „Критична маса“, му претходеше
средба на градоначалникот Јованоски и амбасадорот Пломп, на која разговараа за
унапредување на соработката на полето на економијата, спортот и културата.