„За Мариово има многу да се говори. Секој што бил барем еднаш во посета на овој прекрасен македонски предел, знае какви сè убавини крие Мариово. Затоа наша обврска е да го дадеме својот придонес како нова локална власт, колку може повеќе да заживее регионот. Во таа насока се и овие Мариовско-Мегленски средби. Со порака за негување на пријателството, за отворање на вратите за културна и бизнис соработка меѓу двата региона Мариово и Меглен, овие 34- ти по ред средби ги прогласувам за отворени“, рече градоначалникот Илија Јованоски денеска на свеченото отворање на овие традиционални средби.
Во весела атмосфера, со звукот на тапанот и кавалот, младите и возрасните претставници на бројни македонски здруженија од Македонија и соседните држави,во духот на традицијата нè потсетија на богатата македонска ризница на изворни песни и ора. Со богата културно-уметничка програма настапија и КУД „Гоце Делчев“ и „Етно Илинден“ од Битола, КУД „Стив Наумов“ од село Логоварди, играорната група „Пенка Котеска“ при прилепското Здружение на пензионери, КУД „Моминок“ од Прилеп, а за восхит беше настапот на Стевче Стојкоски со народните инструменти.
Се читаа наградените поетски творби од минатонеделниот избор,што се одржа во градската библиотека „Борка Талески“.
Актерите од прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“, Игор Трпчески и Андон Јованоски изведоа неколку хумористични извадоци од делата на Стале Попов, познат македонски писател, автор на култните романи: „Крпен живот“, „Калеш Анѓа“, „Толе Паша“ и други.
На овие средби, градоначалникот Јованоски најави реконструкција на родната куќа на писателот, по потекло од мариовското село Мелница.
„Општина Прилеп во соработка со Завод и Музеј-Прилеп ќе преземе мерки да ја заштити од забот на времето, да ја заштити од заборав куќата на Стале Попов, македонскиот писател, автор на омилениот лик на народните македонски приказни, олицетворение на мудроста Итар Пејо. Сите добро знаете дека познатиот македонски писател, Стале Попов бил роден во селото Мелница 1902 година. Овој македонски автор, илустративно го доловува духот на Мариово во своите дела што се поставени и на филмско платно и се на листата омилени филмови како остварувања со вонвременска вредност“, акенцираше градоначалникот Јованоски.
Организаторот на овие Мариовско-Мегленски културни средби е прилепското истоимено здружение. Претседателот Стојан Ѓуроски потсетувајќи на поетското творештво од изминатите децении посочи на повеќе цели и задачи што претстојат.
„Радосна вест е што годинава пристигнаа гости и од Бугарија и од Грција од Меглен. Средбите беа одлично посетени и годинава им е дадено најголемо внимание од локалната власт. Сакам да истакнам дека не ги организираме само овие средби, имаме и други активности, коишто се исто толку важни, како и Мариовско- мегленските средби. Целта на овие средби е среќавање меѓу мариовците, коишто во потрага по подобар живот се иселиле од овие предели со мегленците, коишто биле присилно иселени“, рече Ѓуроски.
Иселениците и гостите на денешниот собир не ги криеја своите желби, манифестацијата да продолжи и да биде побројна секоја година.
„Моето место на раѓање е Витолиште од далечните четириесетти години. Но, одовде се отселив во 1975-та година како просветен работник. Доаѓам редовно, го посетувам родниот крај, ја надоградувам мојата куќа, а секако придонесувам и за развој на туризмот“, рече Стојко Крајоски.
„Убаво нè пречекуваат со ручек и дај боже да доаѓаат сè повеќе луѓе на овие средби“, рекоа жители на селото Тушин –Мегленско.
„Се восхитувам на овој народ, што е дојден на овие средби. Оваа традиција сакам да продолжи и понатаму“, рече Методија Петрески од Прилеп.
Она што е особено значајно за организацијата на вакви манифестации е нивниот придонес кон развојот на руралниот туризам и промовирањето на мариовскиот регион како исклучителен природен потенцијал со придобивките што ги нуди чистата животна средина. Заживувањето на проектот „Чебрен и Галиште“, за што се видливи и напорите на централната власт, ќе придонесе за ревитализација на прилепско Мариово, еколошки најчистиот регион во Македонија.