Во рамките на кампањата насловена како „ЕУ за тебе“, која Делегацијата на Европската Унија ја организира во повеќе општини во Република Македонија, денеска во Прилеп се одржа работилница за механизмите на финансиска поддршка на ЕУ.
Претставници на бизнис секторот, земјоделци, невладини организации и граѓани на Прилеп, покажаа огромен интерес за работилницата, на која се запознаа со актуелните можности што ги нуди ЕУ за финансирање на локално ниво.
Градоначалникот Илија Јованоски рече дека денешната работилница, која ја организираше Делегацијата на ЕУ, беше во насока на појаснување на можностите за аплицирање до европските фондови, кои им стојат на располагање на стопанскиот и невладиниот сектор.
„Европската Унија има повеќе фондови за граѓаните, невладините организации и стопанските субјекти. Ние како Општина Прилеп и јас како градоначалник, ќе се заложиме за да овозможиме амбиент и услови за имплементација на сите проекти за подобрување на инфраструктурата, измена на деталните урбанистички планови во градот и организирање на средби како денешната, за промовирање на начинот на користење и трошење на европските пари“, изјави градоначалникот Јованоски.
Исто така, Јованоски нагласи дека сето она што го нуди ЕУ, како и приклучувањето на Македонија кон НАТО, дава можности за подобрување на земјоделието и економијата и нуди повеќе работни места за подобра и европска Македонија.
Раководителот на секторот за соработка на Делегацијата на Европската Унија, Никола Бертолини, го искажа задоволството од големиот интерес кој граѓаните на Прилеп го покажаа за присуство на денешната работилница. Тој истакна дека 40 отсто од целокупната помош која ЕУ и’ ја нуди на нашата држава, е насочена кон локалните заедници и без разлика, што досега е многу направено, потребни се уште многу подобрувања во таа насока.
„Најзначајно во однос на успешно реализираните проекти на локалната самоуправа, пред се’ е инвестирањето во човечките ресурси. Тие треба да бидат млади луѓе кои ќе бидат обучени да работат со ваков вид проекти, а многу е значајна и инклузивноста на сите заедници во решавањето на конкретни проблеми преку овие проекти“, истакна Бертолини.
Кога станува збор за процентот на искористеност на европските фондови во нашата држава, претставникот на Делегацијата на ЕУ рече дека, иако минатата година имало поголем број проекти во однос на претходната, сепак работите не се на задоволително ниво. Проблемот, како што нагласи Бертолини, е што кога се работи на голем инфраструктурен проект, доаѓа до одолговлекување на работите до таа мера, што станува песимистички да се очекува некој позитивен резултат. Но, како што потенцираше претставникот на ЕУ, континуирано се работи на подобрување на реализација на проектите.
Главна цел на овие работилници, како што соопштуваат од делегацијата на ЕУ, е да се подигне свеста и да се информира јавноста за помошта што ЕУ ѝ ја дава на Република Македонија.