Во текот на изминатиот период од три години, со помош на Општина Прилеп, Министерството за образование и наука и Министерството за животна средина, во реконструктивните зафати во прилепската Гимназија „Мирче Ацев“, како никогаш порано, инвестирани се средства во висина од еден милион евра.
„Покрај комплетната реконструкција на покривот, инвестиција вредна 240.000 евра, изминатиот период направено е малтарење на целиот објект и комплетно е обновен кабинетот по информатика. Минатиот месец заврши тендерот за реконструкција на Гимназијата која опфаќа целосна промена на дограмата, реновирање на фасадата, поставување на лифт за лица со инвалидитет и уредување на подрумскиот простор, каде ќе бидат отворени две или три нови училници. Исто така, проектот опфаќа санација на двата санитарни јазли во подрумот, како и обезбедување нови тоалети за лицата со инвалидитет на сите три ката по вертикала во вредност, за што од МОН се обезбедени средства во висина од 400.000 евра. Со реализацијата на овој голем проект започнуваме веднаш, со цел да го искористиме периодот на одржување настава од далечина и реконструкцијата да заврши во септември, за кога се надеваме дека учениците ќе започнат следење настава со физичко присуство“, истакнува Димче Настески, директор на СОУ Гимназија „Мирче Ацев“.
Она кое што исто така треба да се нагласи, е дека во соработка со Министерството за животна средина и Општина Прилеп, обезбедени се околу 90.000 евра за инсталирање на нова котлара. Како што вели Настески, машинскиот дел е набавен уште минатата година и тоа ќе биде прва котлара на гас и на нафта, која ќе ги задоволува стандардите за заштита од пожари.
Истовремено, годинава ќе биде извршено комплетно пренасочување на водоводната мрежа како и на фекалната и атмосферската канализација, а ќе се реконструираат и сите површини кои се под асфалт.