Со доделување на наградите, денеска во киното „Мис Стон“ во Прилеп, заврши наградната игра „Да рециклираме и да се наградуваме“, организирана од „Елколект“, наменета за собирање на електричен и електронски отпад. Своите стари електронски уреди граѓаните можеа од 4 септември, па се до денес да ги складираат во специјалните контејнери коишто беа сместени во царинскиот терминал на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп. Целта на овие наградни игри и акции е подигнување на свеста кај граѓаните за заштита на животната средина.
„Една од нашите цели е да ја подигнеме јавната свест во општините и да ги научиме граѓаните за правилно постапување со електричниот и електронски отпад, отпадните батерии и акумулатори. За таа цел организираме наградни игри со општините со кои имаме склучено договор, една од нив е и Општина Прилеп. Денеска ги извлековме наградите, добитниците не беа присутни, наградените купони ќе бидат објавени на интернет страницата на „Елколект“, www.elkolekt.mk“, истакна Ирена Бошков, претставник на ДОО „Елколект“.
Заштита на животната средина е императив на новата локална власт. Здрава и чиста животна средина е еден од стандардите Прилеп да се развива во современа урбана средина.
„Општина Прилеп во континуитет се грижи за заштита на животната средина и во таа насока е и поддршката на фирмата „Елколект“ со која имаме склучено договор за постапување со електричен и електронски отпад, батерии и акумулатори. Навистина сме задоволни од одзивот на граѓаните за оваа наградна игра и се надеваме дека ја постигнавме целта и дека правилното третирање на овој вид на отпад ќе продолжи и во иднина. Контејнерите за собирање на електронски отпад и понатаму ќе бидат поставени во терминалот на ЈКП „Комуналец“ и сите граѓани кои имаат електронски отпад можат да го однесат таму. Инаку во рамките на соработката со „Елколект“ освен во терминалот, корпи за собирање на електричен и електронски отпад и туби за собирање батерии се поставени и во сите училишта“, изјави Винета Иваноска, раководител на одделение за ЛЕР.
Од „Елколект“ рекоа дека продолжуваат со организирањето на ваквите акции. Во училиштата во Прилеп веќе била во тек нова наградна игра. Децата се едуцирале за тоа колку се штетни отпадните батерии и тоа одделение кое ќе собере најмногу отпадни батерии ќе добие награда.