Дводневната посета на Прилеп, британската амбасадорка Галовеј ја започна со средба со градоначалникот Јованоски

Првата официјална посета на Прилеп, британската амбасадорка Рејчел Галовеј ја
започна со средба со градоначалникот Илија Јованоски. За време на
едночасовниот разговор, градоначалникот Јованоски и британската амбасадорка
Галовеј разговараа за актуелните состојби во општината, за проблемите со кои се
соочуваат граѓаните, пред се’ проблемот со пандемијата на коронавирус, како и за
активностите кои Општината ги презема за нивно надминување.

„Посебно внимание обрнавме на лицата со посебни потреби и лицата кои примаат
социјална помош, односно оние категории на граѓани кои во континуитет се
соочуваат со проблеми во нивното живеење, проблеми од егзистенцијален
карактер. Ја информирав амбасадорката за функционирањето на дневниот
центар за лица со детска парализа, за проширениот центар за лица со
попреченост ‘Порака’ и за тоа дека во тек е јавна набавка во сите училишта за
изградба на пристапни рампи. Во таа насока, позитивен пример е поставувањето
на тактилната трака при реконструкцијата на булеварот“, изјави после средбата со
британската амбасадорка, градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски.

Како што истакна градоначалникот, на средбата се разговарало за начинот на кој
Општината и здравствените институции се справуваат со пандемијата на Ковид-
19, како и за локалните компании кои покажаа општествена одговорност и се
вклучија во овој процес.

Градоначалникот Јованоски искажа задоволство што за време на дводневниот
престој во Прилеп, амбасадорката Галовеј ќе оствари средба и со членовите на
Советот на општина Прилеп, каде ќе има можност да ги чуе ставовите и на
власта, но и на опозицијата.

„Се договоривме, доколку постои можност, со британската амбасада во иднина да
изработиме заеднички проект за лицата со посебни потреби, кој ќе им помогни на
овие лица од нашиот град“, истакна градоначалникот Јованоски.

Заблагодарувајќи му се на градоначалникот за укажаното гостопримство,
британската амбасадорка Рејчел Галовеј рече дека и’ е драго што имала можност
да биде информирана за работата на Општината, како и за моменталната
ситуација со коронавирусот.

„Многу ми е драго што имавме можност да разговараме за работата во Општината
и за справувањето со пандемијата. Воодушевена сум што Општината работи со
граѓаните од најранливите категории и се надевам на заедничка соработка на
овие теми. Дводневната посета ќе ја искористам да се видам со граѓаните на
Прилеп, со претставници на локалните бизниси и бизниси кои имаат британски
сопственици, со членови на општинскиот Совет, пратеници во Парламентот и
невладини организации. Воедно, ќе го посетам и основното училиште ‘Блаже
Конески’, кое работеше на проект поддржан од Британија ‘Училишта на 21 век’.
Драго ми е што имам можност за дводневна посета на општината и се надевам
дека повторно ќе дојдам“, рече во изјавата за медиумите британската
амбасадорка, Рејчел Галовеј.

Покрај официјалните средби на амбасадорката, денеска во големата сала на
Општина Прилеп британската амбасада организираше презентација за Чивнинг стипендиите кои се поддржани од страна на британската влада. Стипендиите се
отворени за сите македонски граѓани кои се заинтересирани да студираат
едногодишни постдипломски студии, на било кој универзитет Велика Британија.