Во организација на ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп, а со поддршка на локалната самоуправа, денеска во големата сала на Општина Прилеп започна дводневниот меѓународен научен собир на тема „Доцносредновековни градови во централните делови од Балканскиот полуостров – генеза, развиток, структура“.
Во своето обраќање пред учесниците на научниот собир, градоначалникот Илија Јованоски рече дека Општина Прилеп ја поддржува идејата на Институтот за старословенска култура од Прилеп за одржување на меѓународни научни собири, со долгорочна цел – создавање на традиција за организација на еминентни научни конференции во Прилеп, кои ја третираат историјата на културата на овој простор.
„Во овие заложби голем придонес има и фактот дека Прилеп, освен Скопје, е единствениот град во нашата држава кој покрај стручни институции кои се грижат за културното наследство, на својата територија има и институција која научно-истражувачки ја третира историјата на културата на македонскиот народ. Имено, ЈНУ Институт за старословенска култура е еден од петте национални институти кои ја проучуваат историјата на културата на македонскиот народ, и тоа во рамките на севкупните научноистражувачки активности на хуманистичките науки: археологија, историја на уметност, етнологија, историја и лингвистика. Годинешната, исто како и минатогодишната научна средба, мораат да се согледуваат и во корелација со процесите на позиционирање на просторната целина Маркови Кули на Постојаната листа на УНЕСКО, како единство на културни и природни содржини, еднакво вредно на Охридскиот регион. Дел од овие заложби се и тековните активности на грамадите Маркови Кули и Златоврв-Трескавец, за изградба на информативни пунктови, видиковци, делумно осветлување, пристапен пат до фортификацијата и слично“, истакна градоначалникот Јованоски.
Директорот на Институтот за старословенска култура, Бранислав Ристески, истакна дека денешната конференција претставува продолжување на соработката на оваа научна институција и Општина Прилеп, на теми поврзани со просторната целина Маркови Кули.
„Темата е поврзана со доцносредновековниот Прилеп, како средишен простор на просторната целина Маркови Кули. Имено, културниот контекст е централнобалканскиот, каде што се објаснуваат процесите по линија на аналогија, за да го појасниме она што се случува на просторот на средновековниот Прилеп, а со крајна цел финализирање на постапката за номинирање на овој простор на Постојаната листа на УНЕСКО. Втората димензија е просторот на одржување на оваа конференција. Знаеме дека есенските и зимските денови се период на таканаречениот ‘конгресен туризам’. Нашата интенција е Прилеп, како средиште на овој значаен културен комплекс, истовремено да стане и средиште на историјата на културното наследство и со тоа на еден индиректен начин воведуваме принцип на туристичка експлоатација на овој простор“, потенцираше Ристески.