Градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски заедно со НВО “Центар за
граѓански иницијативи – Прилеп“ (ЦГИ), денеска доделија донација од 30 таблет
компјутери за учениците од социјално ранливите категории од Средните
општински училишта „Орде Чопела“ и „ Ѓорче Петров“.
“Општина Прилеп и јас лично како градоначалник, ја подржуваме секоја
иницијатива од страна на невладините организации, а во таа насока денеска со
НВО “Центар за граѓански иницијативи – Прилеп“ (ЦГИ), која цели 23 години се
грижи за подобрување на човековите права во нашата општина, доделивме
донација од 30 таблет компјутери во средните училишта „Орде Чопела“ и „ Ѓорче Петров“. Како градоначалник ја поздравувам нивната иницијатива, затоа што оваа невладина организација, години наназад хуманитарно дејствува во детските градинки и основните училишта од градот. Би дополнил и тоа дека годинава, заедно со Амбасадата на Сојузна Република Германија донираа санитетско возило за потребите на Општата болница „Борка Талески“. Верувам дека и понатаму ќе продолжат со исто темпо. Им се заблагодарувам за донираните таблет компјутери, кои одат во вистински раце, кај децата од социјално ранливите категории, а кои сега ќе имаат подобри можности за следење на онлајн
наставата“, изјави градоначалникот Илија Јованоски.
“Денешната донација, е дел од проектот „Акции против родово базирано
насилство кај Роми и други маргинализирани групи“, кој е поддржан од
германската Амбасада во нашата земја, при Сојузното министерство за
надворешни работи на Германија. Меѓутоа, ова е само дел од огромната помош
која Република Германија и ја дава на нашата држава. Сакам да ги потенцирам и
другите донации кои се доделени во нашата општина и надвор од неа, и тоа во
период од само два до три месеци. Денеска се донираат 34 таблети за ученици од
социјално загрозени семејства, од кои 15 во СОУ „Орде Чопела“ и 15 во СОУ„
Ѓорче Петров“ и 4 таблети на ученици од основните училишта во општина
Долнени. Овој месец, истата активност продолжува со помош на 111 социјално загрозени семејства во Прилеп, за Роми и социјално загрозени, донација која се
состои од пакети со хигиенски и други неопходни средства. Претходно, како што
напомена и градоначалникот, дониравме амбулантно возило при Општата
болница во Прилеп“, истакна извршниот директор на Центарот за граѓански
иницијативи, Гоце Тодороски, заблагодарувајќи се на градоначалникот Јованоски
и на Општина Прилеп за несебичната подршка која им ја даваат во секој момент.
Претставникот од СОУ „Орде Чопела“, Емилија Николска истакна дека донација
од таблет компјутери за учениците кои ја следат наставата од далечина, а не
поседуваат неопходен технички уред, претставува еден нов почеток за нив.
Ваквата хумана акција ќе помогне за подобрување на нивниот напредок во
образованието, а наставниот кадар ќе може континуирано да ги следи нивните
постигнувања, потенцирапе Николоска
Во контекст на актуелната ситуација, градоначалникот Јованоски додаде дека,
Општина Прилеп распиша тендер за набавка на нови лап-топ компјутери за
потребите на онлајн наставата во училиштата и за учениците од ранливите
категории.