По повод Денот на ослободувањето на Прилеп, 3. Ноември, синоќа во големата сала на ЦК „Марко Цепенков“ се одржа свечената седница на Советот на општина Прилеп, на која беа доделени Третоноемвриските награди.
Со одлука на Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија при Советот на општина Прилеп, наградата за животно дело – Златна плакета му беше доделена на Ѓорѓи Гешоски, за неговите достигнувања и афирмација на атлетиката и развој на спортот.
„Не сум само јас заслужен за оваа награда, туку и сите мои атлетичари кои сум ги тренирал во изминатите над 50 години. Со атлетиката го прошетав скоро целиот свет. Пари од атлетика нема, меѓутоа тоа што го прошетав светот ми причинува најголемо задоволство. Бев во Пекинг, во Кина, во Канада, на Олимпијада во Минхен 1972 година. Јас во моите 83 години, десетина години отсуствував од дома, бидејќи често патував со репрезентацијата на поранешна Југославија како и со репрезентацијата на Македонија. Сакам да им се заблагодарам на мојата сопруга и на моите деца, бидејќи заради бројните патувања не сетив кога пораснаа. Освен денешната, драга ми е и наградата ‘Истакнат педагошки работник’ која ми ја додели Педагошкиот совет на Македонија“, истакна Гешоски после добивањето на наградата.
Во своето обраќање, градоначалникот Илија Јованоски посочи дека Прилеп го слави делото на нашите херои, нивниот непроценлив влог кога пред 75 години го започнале последниот напад за ослободување на градот.
„Вечерва сме собрани, гордо и достоинствено да им оддадеме почит на загинатите борци, исполнувајќи го нивниот аманет – да ја чуваме слободата и да го градиме напредокот. Со секој наш чекор да го отвориме патот кон европските перспективи и да ја преземеме обврската да продолжиме храбро, пред сите битки на новото време. За поквалитетен економски развој, современи инфраструктурни решенија, образование по евроски терк, афирмација на спортот, напредок на младите и подобар живот за сите граѓани на општина Прилеп. Мојата цел е отворање на европските перспективи и поставување на европски стандарди за нашиот град. Стандарди кои ќе значат Европа во Прилеп“, потенцираше градоначалникот Јованоски.
Освен наградата за животно дело, на синоќешната седница беа доделени и 9 дипломи и 5 плакети.
Дипломи по повод 3.Ноември – Денот на ослободувањето на Прилеп, им беа доделени на:
- Злате Шуплиноски, за достигнувања од областа на медицината;
- Гордана Цветаноска за достигнувања од областа на новинарството;
- Сашо Јандрески за млад иноватор од областа на медицината;
- Озган Сулејманоски за достигнувања од областа на музиката;
- Драгослав Миноски за достигнувања од областа на образованието;
- Билјана Јуруковски за достигнувања од областа на фотографијата и афирмација на Прилеп;
- Борјан Јованоски за достигнувања и афирмација од областа на спортот;
- Филип Димкоски за афирмација на македонскиот јазик и образованието;
Постхумно, за достигнувања и афирмација на блуз музиката во земјата и регионот, диплома му беше доделена на Александар Дворчанец – Сале.
По повод Денот на ослободувањето на Прилеп, 3.Ноември, плакети добија:
- „Бимфуд“, за придонес и афирмација на стопанството во земјата и регионот;
- „Изофас“, за придонес од областа на градежништвото и градежното инженерство;
- Театар „Чин 4 Сцена 5“, за придонес во развојот на театарската уметност;
- „Клуб на литературни творци“, за достигнувања од областа на литературно творештво;
- Џудо клуб ,,Пролетер’’ за достигнувања од областа на спортот.
Во рамки на свечената седница, присутните ја проследија видео презентацијата за реализираните проекти на Општина Прилеп во текот на 2019 година.