Директорката на УЈП, Сања Лукаревска и градоначалникот Илија Јованоски на средба со прилепските угостители

Градоначалникот Илија Јованоски, денеска во својот кабинет оствари работна
средба со директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска. На
средбата стана збор за новиот принцип на работа од страна на УЈП, при што
инспекторите за време на редовните контроли, наместо казни, најпрво ја
користат опомената како средство за подобрување на фискалното работење на
угостителските објекти, колонијалите и другите даночни обврзници.

„Денеска сме во посета на Општина Прилеп, со посредство на градоначалникот
Илија Јованоски на средба со прилепските угостители. Се надеваме на
одлична комуникација и соработка со нив, затоа што пред се’ сакаме да
градиме партнерски однос со секој даночен обврзник, а угостителите се исто
така многу битна целна група. Зеднички да се бориме против сивата економија
и заедно да ги рзагледаме предностите и слабостите на Управата за јавни
приходи. Ќе разговараме и за новините во Законот за готовински плаќања како
и за предностите од ублажувањето на казнената политика која е
детерминирана во новиот Закон за прекршоци. Секако дека ќе ги слушнеме и
впечатоците од проектот „Мој ДДВ“, да видиме дали навистина граѓаните се
повеќе бараат да им се издаваат фискални сметки, а врз основа на тоа да се
заштитиме од сторнирањето на фискалните сметки. За пофалба е тоа што веќе
надминавме 10 милиони скенирани сметки преку проектот „Мој ДДВ“ и тоа што
преку 85.000.000 денари ќе завршат во џебот на граѓаните, токму преку оваа
мерка“, посочи Лукаревска во својата изјава.

„Денеска ќе оствариме средба со прилепските угостители, ќе продискутираме
за начинот на контролите и за казнената политика, а како што во повеќе
наврати кажа Владата и директорката Лукаревска нема да се оди директно со
казни туку прво со опомена. Нашата соработка со УЈП досега се одвиваше
одлично, а со исто темпо ќе продолжиме и понатаму. Во овој момент сакам да
ја изразам мојата благодарност до Управата за јавни приходи, затоа што за
време на годинешниот „Пиво фест“, УЈП покажа професионален, добар и
ефикасен однос, вршејќи навремени контроли без да ја попречи работата на
угостителите кои зедоа учество на тој настан“, истакна градоначалникот
Јованоски.

На средбата со угостителите, сите присутни зеднички се согласија дека е
најбитно да се гради партнерски, а не репресивен однос со даночните
обврзници.