Согласно заложбите на Министерството за труд и социјална политика и
активностите на Општина Прилеп, ЈОУД Детска градинка „Наша иднина“ работи
на реализација на повеќе проекти во градинката „Бончејца“. Еден од проектите
чии резултати станаа видливи, се тримесечните активности поврзани со
ботаничката градина.
„Се собираат првите плодови од посадените земјоделски производи, тиквички,
домати, пиперки, краставици, сето тоа за едукација и развој на воспитно-
образовниот процес на децата од оваа градинка. Имаме и друга активност, за
комплетно реновирање на 3 санитарни јазли со нова инсталација. Целиот објект
во „Бончејца“ се молерисува во насока на запазување на хигиенско-техничките аспекти. Исто така, за правилен психофизички развој на децата, набавен е монтажен базен, со цел децата да научат да пливаат и играат игри во песок и вода“, истакнува Орце Тодоровски, в.д. директор на ЈОУД Детска градинка „Наша иднина“.
Според зборовите на Тодоровски, производите од градината ќе бидат користени
за исхрана на децата, а вишокот на производи ќе биде дониран во Домот за стари
лица „Киро Крстески-Платник“. Со оглед на позитивните ефекти од овој пилот
проект, истиот ќе биде применет и во неколку други градинки. Со вкупна површина
од 1.500 м2, ботаничката градина во градинката „Бончејца“ е најголема во
Република Македонија.
Во 11-те градинки кои функционираат во Прилеп и населените места, годинава ќе
бидат згрижени 1.300 деца, а на листата на чекање се наоѓаат околу 400 деца. За
надминување на овој проблем, Општина Прилеп и Министерството за труд и
социјална политика работат на отворање нови градинки во Тутунски Комбинат и
во населбата „Точила“, во која ќе бидат згрижени 250 деца.