Денот на АРМ одбележан во касарната „Мирче Ацев“

Со воена свеченост денес во касарната „Мирче Ацев“, беше одбележан Денот на АРМ-18 Aвгуст. На одбележувањето покрај градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски присуствуваа градоначалниците од пелагонискиот регион, претседателот на Советот на Општина Прилеп, претставници од Сојузот на борци, јавните претпријатија и други јавни институции од градот со кои оваа единица има соработка.

На свеченоста по повод одбележувањето на Денот на АРМ свое обраќање имаше
командантот на касарната потполковник Ѓорѓи Василевски, кој истакна дека историјата на Армијата со години ја определувала постојаната борба за слобода и меѓународно признавање.

„Годинава, кога славиме 27 години зрелост, нема и неможеме да ја сокриеме радоста дека сме на прагот да влеземе во најголемиот политичко – воен сојуз – НАТО алијансата. Ние војниците, како никој друг повеќе, знаеме дека мирот е драгоцен и дека мора да биде зачуван без обзир на се. Со влезот во НАТО, нашиот суверенитет ќе биде гарантиран од 29 членки, нашиот глас ќе се чуе појасно и погласно, а нашата Армија ќе стане посилна. Ќе бидеме дел од семејство на држави кои делат исти вредности и погледи на модерниот свет и глобалниот мир.
Во НАТО влегуваме, со најдоброто што го имаме, а тоа е човечката и стручна димензија на Армијата – нејзините припадници“, истакна командантот на касарната „Мирче Ацев“, потполковник Ѓорѓи Василевски.

По повод овој празник на поголем број старешини и цивилни лица им беа доделени
унапредувања,награди и стимулативни мерки.