Деновиве во прилепската Општа болница „Борка Талески“, поставена е и пуштена
во функција цистерна за течен кислород, која ќе овозможи подобро снабдување со
кислород на сите одделенија и операционите сали во болницата. Цистерната е со
капацитет од 5 тони, колку што отприлика и изнесува потрошувачката на кислород
во болницата на годишно ниво.
„Со тоа се избегнува секојдневното носење и враќање на боци со кислород, а
воедно се овозможува и заштеда на потрошувачката за околу 30 отсто.
Цистерната на еден начин е донација од фирмата ТГС – Скопје, која неколку
години наназад ја снабдува болницата со технички гасови. Цистерната во голема
мера ќе го подобри снабдувањето на операционите сали и сите одделенија каде
што има потреба од кислород, кој истовремено е и поквалитетен а ќе значи и
редовно снабдување, без можност да дојде до недостиг на кислород и да се
прават збрки“, изјави директорот на прилепската болница, Драги Богојески.
Покрај тоа, деновиве болницата „Борка Талески“ доби и 20 кревети за
новороденчиња, донација на фирмата „Гентерм“.
„Со тоа ќе им се создаде подобар амбиент на родилките, а воедно креветите се
многу практични и ќе им овозможи полесно да манипулираат со своите
новороденчиња. Вредноста на донацијата е околу 6.000 евра, за што искажуваме
благодарност до ‘Гентерм’ и се надеваме дека нашата соработка ќе продолжи и
понатаму“, потенцираше Драги Богојески, директор на Општата болница „Борка
Талески“- Прилеп.
Богојески најави дека во насока на продолжување на успешната соработка, во тек
се разговори со „Гентерм“ за донација на соларни колектори, што ќе придонесе за
намалување на потрошувачката на мазут за обезбедување топла вода, а воедно и
ќе се намали загадувањето на воздухот.