Состојбите во економскиот сектор и моменталната општествено – политичка
ситуација во државата, во овој историски момент, пред влез на Македонија во
НАТО и ЕУ. Овие теми беа во фокусот на денешната средба на градоначалникот
Илија Јованоски, претседателот на Советот на Општина Прилеп, Миле Талевски
со министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, при денешната нејзина посета
на Прилеп.
„Заедничка констатација е дека треба да го направиме вистинскиот исчекор, да
донесеме правилна одлука и на 30-ти септември да излеземе на референдум и да
гласаме ‘за’. За да останат младите во Македонија, за да се променат кон подобро
работите во државата, затоа што под чадорот на големите сојузи, како што се
НАТО и ЕУ, придобивките што ќе ги имаме како држава и како град се големи. Јас
се надевам дека во вистинско време ќе го направиме вистинскиот потег, дека
нема да се криеме зад никого, дека ќе излеземе на референдум и ќе гласаме ‘за’,
за иднината на европска Македонија“, порача градоначалникот Илија Јованоски,
по денешната средба во министерката Шекеринска во неговиот кабинет.
Министерката Шекеринска се заблагодари на градоначалникот Јованоски и
Општина Прилеп затоа што, како што рече, Општина Прилеп е најдобриот пример
за цивилно-воена соработка помеѓу прилепската касарна и локалната самоуправа.
Тој пример, според министерката, покажува дека кога се работи заедно, со една
цел, одличните резултати брзо се видливи.
„Денеска и официјално почнува дискусијата во Македонија, околу историското прашање и историската одлука која нашата држава треба да ја донесе. Општина Прилеп, само во последниот период искористи околу 20 милиони евра европски пари за решавање на проблемот со пречистителната станица, 10 милиони евра се инвестирани во ‘Дата центарот’ кој што е токму во Прилеп, 10 милиони евра се инвестираат во системот за заштита од поплави, поврзан со цела Пелагонија. Тоа се 40 милиони евра европски пари, кои влегуваат во Прилеп и Прилепско само за три големи проекти. Тоа на прв поглед е многу, меѓутоа ако ги споредиме со оние 5 милијарди евра, што Словенија успеа да ги искористи само во првите неколку години на користење на европските кохезиони фондови,тоа ни покажува кој е потенцијалот и шансата што Македонија ќе ја има на 30-ти септември, кога ќе ја носиме одлуката дали сме, или не, за европска Македонија“, нагласи
министерката за одбрана Шекеринска.
Таа својата денешна посета на Прилеп ја почна во касарната „Мирче Ацев“, каде
како што соопшти, се дискутирало за проблемите со кои се соочува Армијата на
Република Македонија и за предобивките од членството во НАТО, што првин
позитивно ќе ги почувствуваат сите припадници на АРМ.
„Оваа година, поради покачувањето на буџетот за 15 отсто, успеавме да решиме
два долгогодишни проблема. Прв пат после многу години се зголеми платата на
припадниците на АРМ за 10 отсто и за прв пат пред два месеца почна исплатата
на сите дежурства и дневниците поврзани со нив. Ова значи плус за стандардот
на припадниците на АРМ, плус за Армијата, плус за Република Македонија која
многу ја цени својата Армија и нејзините припадници. Членството во НАТО ќе
значи подобра, помодерна, подобро платена Армија. Затоа сум убедена дека на
30-ти септември граѓаните на Прилеп и на другите општини ќе го направат
изборот, со кој Македонија ќе ја потврдиме, дека ќе има НАТО и европска перспектива, зголемена безбедност, повисоки инвестиции, подобри плати и
повеќе работни места“, рече Шекеринска.
За време на целодневниот престој во Прилеп, во придружба на градоначалникот и
претседателот на Совет, министерката за одбрана оствари средба и со членовите
на Сојузот на борци и на продолжувачите на традицијата, на која присуствуваа и
претставници на здруженијата на бранители и на прилепското Здружение на
пензионери. На средбата, Шекеринска потсети дека се чувствува посебно горда
што Владата на РМ успеала да исправи неколку неправди, меѓу кои и
доделување на простории на Сојузот на борци на РМ. Според неа, сега е
моментот кога треба да се искористи искуството при решавање на поранешните
проблеми, за да ги реши државата сегашните проблеми и да се има истата
историската мудрост, за да се избере тоа што е најдобро на 30 септември.