Амбасадорката на Република Австрија во Република Македонија, Ренате Коблер, синоќа оствари средба со земјоделци, преставници на малите бизниси и граѓани на Прилеп. На средбата,на која австриската амбасадорка ги пренесе своите искуства од матичната земја, од нејзиниот влез во ЕУ, па досега, присуствуваше градоначалниот на Прилеп,Илија Јованоски.
Амбасадорката Коблер истакна дека земјоделство е една од најбитните гранки на кои во ЕУ му се обрнува големо внимание. Со оглед на тоа што Македонија е земјоделски ориентирана земја и има огромни потенцијали во оваа гранка, погледот на младите луѓе треба да биде насочен кон земјоделството. Притоа, австриската амбасадорка потенцираше дека во ЕУ, посебен акцент се става на органското производство, што значи дека членството на Република Македонија семејството на европските народи, ќе овозможи да се подобрат условите за производство на органска храна.
„За да се стигне до европските фондови требаат квалитетни проекти, а во овој процес значајна улога треба да има и државата, во насока на обезбедување на потребната инфраструктура, достапни информации и обуки во земјоделството. Обуките треба да бидат насочени кон зголемување на квалитетот на производство. За таа цел, малите производители треба да се здружуваат, да си помагаат едни со други, но и да ги користат искуствата на големите производители. За да се биде конкурентен на пазарот за здрава храна, најбрзо мора да се почне со процесот на сертификација на здрава храна“, изјави амбасадорката Коблер.
На средбата своето видување го изнесе и раководителот за политички прашања на канцеларијата на ЕУ, Лукаш Колун,кој истакна дека земјоделците со помош на државата, треба да ги најдат најлесните начини до европските структурални фондови.
Своите искуства во чекорите да се стигне до овие фондови, ги презентираше прилепчанецот Самоил Пајмакоски, сопственик на фирма за сушење на овошје и зеленчук.