Гимназијата „Мирче Ацев“ од Прилеп го одбележа својот патрон празик, денеска кога се навршуваат 75 години од убиството на народниот херој Мирче Ацев, како и 73 години од основањето на гимназијата „Мирче Ацев“.
По тој повод, наставници и ученици од гимназијата, претставници на локалната самоуправа и Советот на Општина Прилеп, како и делегации на АРМ и прилепската организација на Сојузот на борци го посетија Паркот на револуцијата, каде положија свежи цвеќиња на Могилата на непобедените и пред Алејата на народните херои. Свежи цвеќиња беа положени и на бистата на Мирче Ацев во дворот од гимназијата.
„Денеска одбележуваме 75 години од загинувањето на нашиот патрон и 73 години од формирањето на гимназијата, што беше основана со решение на Президиумот на АСНОМ. Гимназијата остана најпрепознатлив училишен бренд во средното образование во Прилеп. Од нејзините клупи се излезени секаков вид стручњаци, кои што ја претставуваат Македонија и надвор од неа. Имаме наши ученици кои што студираат на најпрестижните универзитети во светот. Се надеваме дека и идните генерации ќе тргнат по нивните стапки и дека и понатаму ќе го задржиме квалитетот. Наша обврска и заложба е тоа да им го овозможиме на учениците, за да можат да напредуваат во својот живот“, изјави Диме Настески, директор на гимназијата „Мирче Ацев“.
Свеченостите за одбележувањето на патрониот празник, прилепската гимназија ги започна минатиот месец, со одржување на спортски игри и поетска вечер. Денешните чествувања продолжуваат во попладневните часови, поточно во 18 часот, кога во театарот „Војдан Чернодрински“ ќе се одржи свечена академија на која свое обраќање ќе има градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски.