Големиот празник Богојавление – Водици денес традиционално беше одбележан со чинот на положување на светиот крст во водите на реките и базените во Прилеп и населените места.
Утрово во црквата Св. Благовештение во Прилеп после традиционалното пуштање на гулабите во 07:00 часот и свечената божествена литургија која што се одржа, во 09:30 часот беше симболично одржано фрлањето на крстот во дворот на црквата во постоечката фонтана.
На настанот присуствуваше градоначалникот Борче Јовчески, претседателот на Совет Дејан Проданоски како и членови на Советот, Пратениците како и претставници на јавните комунални претпријатија.
Најсреќен од пријавените скокачи, кои што беа 12 на број (сите деца под 17 години) беше 13 годишниот Марко Ристески, кој што како што самиот истакна прв пат се пријавил и беше среќен затоа што му се исполнила желбата.
Градоначалникот во својата изјава за медиуми истакна : „Денес на симболичен начин тука во дворот на храмот „Свето Благовештение“ го одбележуваме овој голем празник на начин на кој што единствено беше возможно, во помал број но сепак во духот на традицијата и на христијанството. Во оваа прилика сакам да им го честитам празникот тука најпрвин на сите Прилепчани, на претставниците на црквата, на свештените лица, на нашата Македонска Православна Црква, на Преспанско-Пелагониската Епархија и впрочем на сите православни христијани и на сите Македонци. Со самото тоа што на овој начин поскромно и во помал број оваа година го одбележуваме празникот, испраќаме порака да останиме здрави и живи, да го пребродиме ова зло кое што е надвиснато над нас и со верба во Бога да бидиме подготвени веќе од наредната година да ги продолжиме сите наши обичаи и празнувања онака како што доликуваат. Упатувам апел до сите Прилепчани, чувајте се, да бидиме одговорни пред се да го чуваме нашето здравје и за многу години празникот, Бог се јави !“ Марко Ристески беше награден со златен крст од градоначалникот Јовчески а исто така и компанијата Зегин го награди со ваучер за апарат за домаќинство.
Освен во Прилеп чинот на положување на светиот крст во водите
беше извршен и во петнаесетина населени места на територијата на општина
Прилеп: Селце, Витолиште, Бешиште, Ново Лагово, Мало Коњари, Големо Коњари, Беровци, Клепач, Ерековци, Полчиште, Галичани, Чепигово, Подмол, Тополчани и Штавица, градоначалникот Јовчески присуствуваше во Селце, Прилеп, Големо Коњари и Тополчани додека во другите населени места имаше делегации од локалната самоуправа Прилеп, Советот на Општина Прилеп и претседателот на Советот Проданоски.