„Блаже Конески, минато – сегашност – иднина“, манифестација по повод 100- годишнината од раѓањето на „џинот од Небрегово“

Во организација на Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“, денеска во
родното место на Блаже Конески се одржа настан по повод 100-годишнината од
неговото раѓање.

Во своето обраќање пред присутните, градоначалникот Илија Јованоски истакна
дека е одговорна и неблагодарна работа да се зборува за Конески, бидејќи е
тешко е да се наброи сето она кое тој го остави зад себе, а притоа да не се
испушти уште некој сегмент од неговото пребогато дело.

„Конески беше еден од кодификаторите на современиот македонски литературен
јазик и значајна личност во македонската книжевност. Втемелувач на
македонистиката на Филолошкиот факултет, кој денес го носи неговото име.
Ректор на Универзитетот ‘Свети Кирил и Методиј’, член и прв претседател на
МАНУ. Конески е добитник на значајни домашни и меѓународни награди и
признанија и затоа никого не треба да чуди што во чест на 100-годишнината од
неговото раѓање, Владата ја усвои Националната програма ‘2021 – Година во чест
на Блаже Конески’. На тој начин, нашата земја и официјално се приклучи кон
одлуката на Генералното собрание на Обединетите нации, 2021 година да ја
прогласи за Меѓународна година на мирот и довербата. Најкраткиот заеднички
содржател за неговите постигнувања е – Блаже Конески е џинот од Небрегово!“,
рече градоначалникот Јованоски.

„Во оваа година на мирот и добрососедството, делото на Блаже Конески донесе
мир на овие простори, затоа што тој го одреди клучниот идентитетски знак на
еден народ, а тоа е јазикот. Македонскиот јазик останува нашата трајна вредност,
придобивка и должност е на оваа Влада и на сите генерации, тоа дело да го
развиваат и чуваат“, нагласи националниот координатор во Владата, Роберт
Алаѓозовски.

„Голема е честа во текот на 2021 година да се слават два јубилеја: 100 години од
раѓањето на големиот Блаже Конески и 20 години од постоењето на Фондацијата
за македонски јазик ‘Небрегово’. Ваков убав спој ретко се случува. Фондацијата
заедно со надлежните државни органи, со сите други културни и научни
институции, направи бројни манифестации во многу градови. Таквите активности, Фондацијата ги продолжува и натаму, во текот на целата година“, потенцираше
Атанас Конески, секретар на Фондацијата „Небрегово“.

На денешниот настан на кој присуствуваше и Архиепископот Охридски и
Македонски г.г.Стефан, на повеќе заслужни институции и поединци, Фондацијата
им додели признанија и плакети со ликот на Блаже Конески.