Синоќа во фоајето на ЦК „Марко Цепенков“ под наслов „Балканска Синтеза“, се
одржа концерт на македонската пијанистка Јасмина Трајческа, и пијанистката од
Република Словенија, Ловорка Немеш Дулар.
Со концертот се одбележаа 30 години од независноста на Република Северна
Македонија, 20 години взаемна концертна дејност на двете пијанистки, како и 95
години од раѓањето на словенечкиот композитор Јанез Матичиќ.
Изразувајќи им добредојде на словенечкиот амбасадор во нашата земја, Н.Е.
Милан Предан и на ополномоштена министерка на Словенија Татјана Ковачич, во
своето обраќање градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, рече дека
Словенија го презема кормилото да претседава со Советот на ЕУ, три месеци пред
одржувањето на Конференцијата на која Западен Балкан, иднината и
проширувањето на ЕУ, ќе бидат најзначајни теми.
„Сето ова во година кога нашата држава ја одбележува 30-годишнината од своето
осамостојување. Темелот на секој политички напредок лежи во негувањето и
надградувањето на пријателските билатерални политички, економски но и културни
релации. Македонската култура, особено Прилеп, годинава со пиетет ја чествува
100-годишнината од раѓањето на кодификаторот на современиот македонски јазик,
Блаже Конески, 100-годишнината од раѓањето на врвниот драматург, романописец,
публицист и истакнат културен деец, Коле Чашуле, како и 100 години од раѓањето
на Благоја Корубин, филолог, преведувач, научен работник кој дал голем придонес
во негувањето и развојот на македонскиот литературен јазик. Вечерашниот концерт
на гостинката од Словенија, Ловорка Немеш Дулар и пијанистката од нашата земја,
нашата сограѓанка Јасмина Трајческа., воедно е и нивни голем јубилеј – 20 години
взаемна концертна пијанистичка активност, на што им упатувам искрени честитки“,
истакна градоначалникот Јованоски.
„Ви благодарам за учеството на вечерашниот настан кој е во чест и на 30 години од
независноста на Словенија, во чест на нашето второ претседавање со ЕУ, како и во
чест на 30 годишното пријателство меѓу нашите две држави. ‘Балканска Синтеза’ е
еден интересен проект, кој е одличен пример за нашата долгогодишна богата
културна соработка и размена меѓу нашите две земји. Токму поради тоа, нашата
Амбасада сметаше дека овој проект заслужува наша финансиска поддршка, а
вечерашниот концерт на еден начин е доказ дека културниот живот повторно се
враќа. Културата беше меѓу најголемите жртви на пандемијата и нашата културна
соработка која се развиваше во изминатите 30 години, во последната година и пол
беше запрена. Со вечерашниот проект таа повторно се придвижува. Би сакал да им
се заблагодарам на градоначалник, на градот Прилеп, на Центарот за култура за
гостопримството. Првенствено би сакал да им се заблагодарам на двете
пијанистки, на двете уметници, за трудот кој го вложиле во овој проект и воедно би сакал да им честитам за нивните 20 години музичка кариера“, нагласи амбасадорот
на Република Словенија во нашата земја, Милан Предан.
На концертот премиерно беа изведени дела на Јанез Матичиќ, Билјана Бојовиќ и
Томислав Зографски, за соло пијано и камерно дуо пијано.
Проектот се реализира како реципроцитетна билатерална соработка, со голема
поддршка на Општина Прилеп, Амбасадата на Република Словенија во нашата
земја и Министерството за култура на Република Северна Македонија.