Ученици од прилепските основни училишта, дел од проектот „Фудбалски зимски радости“

Во организација на Фудбалската федерација на Македонија и Федерацијата на
училишен спорт, во ООУ „Добре Јованоски“ се организираат два еднодневни
настана за учениците од второ и трето, односно четврто и петто одделение од
основните училишта од Прилеп.

Координаторот на проектот „Фудбалски зимски радости“, Здравко Ристески, вели
дека проектот бил реализиран во првото полугодие од учебната 2018/2019 година
и истиот претставува продолжение на проектот кој бил спроведуван мината
учебна година.

„Целта на овој проект е подобрување на целиот психофизички развој на
учениците од нашата општина. Проектот го работиме со Агенцијата за млади и
спорт на Република Македонија и со поддршка на локалната самоуправа и
градоначалникот Илија Јованоски“, изјави Ристески.

Членот на општинскиот Совет, Кире Тинтоски нагласи дека како град на спортот
од кој произлегле многу врвни фудбалери, децата и младите, како и идните
спортисти кои ќе произлезат од Прилеп, секогаш ќе ја имаат финансиската и
логистичката поддршка од градоначалникот и Советот на општина Прилеп.

„Сакам искрено да ги поздравам сите спортски работници и децата кои
беспрекорно работат и да им порачам дека Општина Прилеп и во иднина ќе ги
поддржува овие спортски настани, со цел нивниот развој да биде во најдобар ред,
да излезат нови спортисти од градот и со нивните успеси сите да се гордееме“,
истакна Тинтоски.

Проектот „Фудбалски зимски радости“ се имплементира во 21 општина во
Република Македонија и во него учество ќе земат околу 2.800 деца од 80 основни
училишта од нашата држава.