Покрај улиците во градот, фирмите задолжени за одржување на патиштата кои
водат кон населените места во општина Прилеп, континуирано работат на нивно
чистење од снегот. Од „Изофас“, фирмата која се грижи за проодност на патиштата
во реонот на Тополчани, Канатларци, Ерековци и останатите села, информираат
дека сообраќајот на сите патишта се одвива без поголеми проблеми.
„Денеска го чистевме патот од Тополчани кон Тројкрсти и Чепигово, сега одиме на
потегот Клепач – Ерековци и Подмол – Лопатица, а го чистиме и патот од
Канатларци до Тополчани. Снегот интензивно паѓа, ние чистиме според
можностите, а продолжуваме со работа сѐ додека не се стабилизира времето. На
патиштата се фрлаат сол и камчиња, така што сега патиштата се чисти и проодни“,
изјави Сашо Петрески од „Изофас“.