Божикен ручек за 500 деца од сите краишта на Македонија

Денеска во хотелот „Кристал Палас“ во Прилеп, Детската Амбасада за Сите Деца
во Светот по 13-ти пат организираше Божикен ручек за околу 500 деца од повеќе
градови од нашата држава.

На заедничка трпеза седнаа деца од Прилеп, Скопје, Штип, Тетово, Крушево,
Демир Капија, Струмица и од други градови од Македонија, деца од различна
етничка и верска припадност, што е во контекст на мотото на настанот, „Едно небо
за сите деца“. За сите нив, Општина Прилеп и градоначалникот Илија Јованоски
обезбедија божикни пакетчиња.

Честитајќи им ги Божикните и Новогодишните празници, градоначалникот Јованоски
посака во оваа 2019 година сѐ да биде во духот на еднаквоста и хуманоста.

„На сите граѓани им го честитам Христовото раѓање и посакувам во оваа година сѐ
да оди во духот на хуманоста и еднаквоста. На денешниот ручек треба да им оддадеме почит на сите деца кои се овде присутни, да им подадеме рака на немоќните. Оваа година треба да биде во знакот на заедничко дружење и меѓусебно почитување. За многу години да е, честит Божик“, рече градоначалникот Јованоски.

Извршниот директор на Детската Амбасада за Сите Деца во Светот, Александра
Северкоска-Стојаноски, рече дека е среќна што и покрај временските прилики, на
Божикниот ручек пристигнале и децата од другите градови.

„Тринаесетта година по ред Детската Амбасада го организира Божикниот ручек. На
заедничка трпеза ќе седнат 500 деца и среќна сум што сите успеаја да стигнат. Под
мотото „Едно небо за сите деца“, го честитаме празникот и посакувам да се
радуваме на овој голем ден“, изјави Северкоска-Стојаноски.

Традиционалното признание за општествена одговорност, Орден за носител на
мирот, оваа година му беше доделено на првиот човек на „Алкалоид“, Живко
Мукаетов. Тој рече дека наградата за него претставува мотив и понатаму
компанијата на чие чело се наоѓа, да покажува општествена одговорност.

„Големо е задоволството да се биде денеска овде, со децата. Ние од првиот ден
сме заедно со Детската Амбасада и се трудиме да помагаме и овде и на многу
други места. Ова ќе биде уште еден потстрек, за уште повеќе да бидеме активни на
ова поле“, нагласи Мукаетов.

Божикниот ручек го благослови митрополитот Преспанско-пелагониски и
администратор Австралиски и Новозеландски, г.Петар, а беше подготвена и
забавна програма во која учествуваа членови на танц студиото „Зодијак“, Марија
Костоска и Христијан Тодороски.