Со пригодна свеченост и положување свежо цвеќе пред бистата на Мирче Ацев,
денеска прилепската касарна „Мирче Ацев“ го одбележа својот патрон празник.
Зборувајќи за животниот пат на Народниот херој чие име касарната го носи,
командантот на касарната, потполковник Ѓорѓи Василевски рече дека Мирче Ацев
со навршени само 28 години, со живот го платил вековниот стремеж на неговите
чичковци, дедовци, браќа и сестри по оружје, за слобода на македонскиот народ.
„Мирче веруваше дека со зачленување во поголеми сојузи како организиран
ентитет, ќе може да му се спротивстави на помоќниот и поорганизиран непријател,
со што ќе се издејствува слобода и државотворност на Македонија. Исто како што
и ние денес веруваме дека членството во сојузи како НАТО и ЕУ, ќе гарантираат
просперитет и пред се’ мир, за кој тој трајно не’ задолжи. Нашата задача е една и
недвосмислена – да ја браниме и одбраниме Република Македонија и нејзините
граѓани. Затоа што достоинството и гордоста на граѓаните на Република
Македонија, ни гарантираат и се мерат со почитта кон сопствената Армија која го
штити народот по цена својот живот. А таа доверба е голема и ние тоа премногу
го цениме“, истакна во своето обраќање потполковникот Василевски.
На одбележувањето на патрониот празник на касарната, присуствуваа и
градоначалникот на општина Прилеп Илија Јованоски, претставници на
општинскиот Совет, на боречката организација и други граѓани.