Стартуваа подготовките за осмиот по ред турнир во мал фудбал „Свети Никола 2018“

Од 7 до 25 декември, во Прилеп по осми пат ќе се одржи турнирот во мал фудбал
„Свети Никола 2018“. Турнирот е во организација на Локалниот спортски сојуз и
Општина Прилеп, а покровител е компанијата „Комфи Ангел“. Турнирот се
одржува во чест на патронот на градот, Свети Никола, кој и оваа година ќе има
хуманитарен карактер.

Потпишувајќи го меморандумот за соработка со Локалниот спортски сојуз –
Прилеп, градоначалникот Илија Јованоски нагласи дека средствата од
годинешниот турнир ќе бидат наменети за децата со ретки блести.

„Турнирот ќе започне на 7 декември и ќе трае до 25 декември, кога ќе се одржат
финалните натпревари во различните возрасни групи. И оваа година турнирот ќе
биде од хуманитарен карактер. Минатата година собраните средства во висина од
180.000 денари му беа донирани на Центарот за лица со церебрална парализа, а
годинава тие ќе бидат наменети за децата со ретки болести, како што е
цистичната фиброза. Тоа е ретка болест и овие пациенти имаат целогодишна
терапија, заради што им се потребни поголеми финансиски средства. Се надевам
дека и оваа година ќе имаме одговорни компании и граѓани кои ќе го поддржат
светиниколскиот турнир во мал фудбал и дека на него учество ќе земат голем број
екипи“, изјави градоначалникот Јованоски.

Сопственичката на компанијата „Комфи Ангел“, Ирена Јакимоска рече дека и’ е
особено драго што продолжува традицијата на одржување на турнирот во мал
фудбал, од причина што еден од иницијаторите за негово одржување е нејзиниот
татко Велимир Јакимоски.

„Нашиот став како компанија, е дека доколку имаме континуитет и квалитет во
одржувањето на турнирот, само така можеме да градиме историја. Сакам да
потенцирам дека освен што ‘Комфи Ангел’ и понатаму ќе учествува во неговата
организација, не треба да го заборавиме главниот актер кој што го иницираше
турнирот, а кој физички не е повеќе меѓу нас, мојот татко Велимир Јакимоски. Се
надевам дека повторно фудбалот ќе победи и ќе имаме можност да гледаме
квалитетни натпревари“, истакна Јакимоска.

Што се однесува до делот на техничката припрема на турнирот „Свети Никола
2018“, Рубин Илиоски од Локалниот спортски сојуз – Прилеп нагласи дека
подготовките се одвиваат според планот.

„Наградниот фонд на турнирот изнесува 330.000 денари, од кои 160.000 се за
првото место, 90.000 за второто и 60.000 денари за третото место. Наградата за
првопласираната екипа кај ветераните е 20.000 денари, а најдобрите во
конкуренција на најмладите ќе добијат блузони, дуксерки и фудбалски топки.
Пријавувањето до 4 декември ќе изнесува 5.000 денари за сениори, 3.000 за
ветерани и 1.500 денари за пионери“, потенцираше Илиоски.

Турнирот во мал фудбал е дел од повеќето манифестации кои што се одржуваат
во чест на одбележувањето на патронот на градот Свети Никола, чие чествување
се одржува на 19 декември, а чиј годинешен домаќин е семејството на
градоначалникот Јованоски.