Во 12-те години раководење со комуналното претпријатие, претходниот директор
Златко Ристески инвестирал вкупно 45 милиони денари, додека за само 10 месеци
колку што се наоѓа на челното место во ЈКП „Комуналец“, Ѕвонко Јованоски и
менаџерскиот тим вложиле 30 милиони денари.
„После направените анализи, може да се заклучи дека претходниот директор
Златко Ристески менаџирал волунтаристички, неодговорно и неекономично, со
што го довел претпријатието до банкрот, со блокирана сметка и безброј тужби
преку кои од касата на ЈКП ‘Комуналец,’ се одлеале милионски суми. Од кога сум
назначен за в.д. директор, исплатени се 10 милиони денари за К-15, јубилејни
награди и новогодишен надоместок, пари кои требало да ги исплати Ристески.
Инвестиравме во нов трактор, канти за селекција на отпад, контејнери, косилки,
компјутери и друга опрема. Сето ова собрано, дава износ од 30 милиони денари
за само 10 месеци, наспроти 45 милиони денари кои претходното раководство ги
инвестирало за 12 години“, изјави првиот човек на ЈКП „Комуналец“, Ѕвонко
Јованоски.
Тој ги демантираше обвинувањата на опозицијата, дека линијата за секундарна
селекција на отпад може да профункционира доколку се набави “обична
елктрика“. Јованоски истакна дека според производителот од каде е набавена
опремата, “Техникс“ од Хрватска, за пуштање во употреба на линијата потребно е
да се набават кран телескоп, боксови за сортирање на отпад, прифатен
транспортер, автоматска преса балирка, магнетен сепаратор за метален отпад и
друга опрема, за чија набавка ЈКП „Комуналец “ треба да плати дополнителни
500.000 евра.
„Зошто Ристески купил некомплетна опрема и платил 200.000 евра, и тоа 5 години
пред да добие градежна дозвола за објектот каде што опремата требало да биде
поставена? Зошто опремата ја оставил 5 години на отворен простор, со што
предизвикал директна штета од 65.000 евра? За сите овие директни и индиректни
штети кои Ристески ги предизвикал, а со кои јавното претпријатие беше доведено
во тешко економско и оперативно функцинирање, ќе му биде поднесена кривична
пријава“, истакна Јованоски.