Реакција на Општина Прилеп на денешната прес конференција на ОK на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани,

Со економичното едногодишно раководење на Општина Прилеп со новата локална власт, градоначалникот Илија Јованоски успеа да го реализира првиот капитален проект во неговиот мандат, исплата на стари долгови во висина од 1.8 милиони евра. Општина Прилеп сега има нула долгови. Чисти сметки и идеална можност за изготвување на Програмата за работа за 2019 г!

Инфраструктурно се работи во сите делови од градот. Се врши рехабилитација, асфалтирање на улиците, санирање на ударните дупки. Прилеп в година овој период, ќе биде град без кал!

Се изгради Дневен центар за лица со церебрална парализа каде се вработени нови кадри. Откако се отстранија кочниците опремена е и отворена детската градинка „Рампо Левката“, каде се згрижени 100 дечиња и остварени нови вработувања. Следната година ќе биде отворена нова градинка во објект на Тутунски Комбинат, каде ќе бидат згрижени уште 100 деца. А, до крајот на мандатот на Јованоски ќе биде изградена уште една градинка во „Точила“. Проблемот со згрижување на децата од претшколска возраст ќе биде целосно решен.

Градот ќе има нови четири автобуси на метан за неколку месеци. Гасификацијата е проект на којшто сериозно се работи. Во тек се постапките за изградба на нов театар, за отворање на нов спортско-рекреативен центар или во салата „Македонија“ или во целосно нов објект во „Точила“.

ФК „Победа“ и Прилеп ќе имаат реконструиран градски стадион со изградени трибини според современи стандарди, затоа што е извршена ревизија и отстранети се сите опасни аномалии од проектот на ексвласта, за којшто немало ниту прописна документација, ниту адекватна сеизмичка отпорност на покривот на трибините.

Проектот – училиште кај „Сточен пазар“ е штетен.Тврдењата на градоначалникот Јованоски се темелат на експертски оценки. Популистичките флоскули во функција на собирање политички поени на опозиционата партија кај својот електорат, не се поклопуваат со стручните оценки на експертите. Училиште во ливада, без пристапен пат, крај речен канал, сред кал не е локацијата каде треба да учат деца, оценуваат експертите во оваа сфера!

Општина Прилеп со новата локална власт и градоначалникот работат на решавање на огромните проблеми со ажурирање на ДУП-овите, на кои воопшто не се работело со години.

За 12 месеци градоначалникот Јованоски и новата локална власт, направија многу повеќе од ексвласта за 12 години. А, при тоа реализирани се сите проекти кои беа дел од наследената Програма кои се однесуваат на фестивали и други проекти од сферата на културата.

Ексвласта не реализирала ниту еден капитален проект за жал. Освен што се трошеле огромни суми за рекламни текстови и користење на други медиумски услуги со цел да се создава популистички розова слика за работата на ексвласта и ексградоначалникот Марјан Ристески.

Овие се „капиталните проекти“ на ексвласта: сомнителната продажба на млечен пазар, срушените дуќани околу, руинираните улици, фонтани кршени и уништувани,затекнат долг 202 милиони денари во примопредавање, 38 милиони денари ризик од судски извршни решенија, Општина без ниту една проектна документација за капитален проект како што се детска градинка или покриен базен. Што значи сè што ветуваше опозиционата парија додека беше на власт не било планирано да се изгради!

За работата на јавните претпријатија не говорат само новоименуваните директори со своите исклучително позитивни извештаи, туку вработените во овие претпријатија ја чувствуваат сигурноста со редовно и навреме исплатени плати и започнати инвестициони проекти.

Овој модел на работа на новата локална власт и градоначалникот Јованоски демонстрира како Општина Прилеп ги отвора вратите за имплементација на современи урбани проекти.

Разбирлива е желбата на О.О. на ВМРО-ДПМНЕ да се врати на власт, но сепак, да се има само желба, не е доволно!

Во конструктивен дух, ги покануваме членовите на советничката група од ВМРО-ДПМНЕ потемелно да се вклучат во работата на Советот, зашто во подготовка е богатата Програма со низа проекти за следната 2019 година, со која што Прилеп ќе стане урбан регионален центар!