На германските гробишта во Прилеп денеска по повод „Денот на примирјето“ и „Денот на народната жалост“, им беше оддадена почит на жртвите од Првата светска војна. Делегации од амбасадите на Сојузна Република Германија и Република Франција, предводени од амбасадорите Томас Норберт Герберих и Кристијан Тимоние, делегација од Владата на Република Македонија, предводена од министерот Едмонд Адеми, од Собранието на Република Македонија, предводена од претседателот Талат Џафери, делегација од Општина Прилеп, од АРМ, дипломатскиот кор во Македонија и здруженија на граѓани положија венци и свежи свежиња.
„Ги посетивме француските гробишта во Битола, сега се наоѓаме на германските гробишта во Прилеп. Целта е да се потсетиме и да ги споменеме загинатите.Со ова сакаме уште еднаш да воочиме дека е можно да постои мир помеѓу нации кои претходно војувале меѓу себе и да покажеме дека тоа функционира. Бидејќи небеа во прв план националните интереси,туку заедничките интереси“, порача германскиот амбасадор Норберт Герберих.
Амбасадорот на Република Франција, Тимоние испрати мирољубива порака.
„Светот сеуште е жртва на насилство, вооружени конфликти и ограничување на слободата. Луѓето страдаат и умираат и се принудени да бегаат. Нашиот одговор на тоа е дека мораме да ја развиваме нашата способност за помирување“, порача амбасадорот Тимоние.
Делегациите свежи цвеќиња положија и на спомениците подигнати во чест и спомен на загинатите бугарски и руски војници во Првата светска војна, чии тела се погребани на германските гробишта во Прилеп.
Во рамките на денешното одбележување, вечерва во Битола, Данги де Дезер, внук на загинатиот полковник Ордиони, учесник во Источниот фронт,ќе ѝ презентира на јавноста дел од активностите за објавување на писмата што неговиот дедо ги напишал на фронтот од 1917 и 1925 година.
Според најавите во понеделник во хотелот „Епинал“,францускиот амбасадор Тимоние ќе го отвори таканаречениот „научен ден“ посветен на Источниот фронт. На конференцијата што ќе се одржи на тема: „Балканските општества во Првата светска војна“ ќе учествуваат експерти од Македонија, Франција и други држави од регионот.