Со извонреден настап на италијанското трио на Kekko Fornarelli,синоќа почна „Џез викенд“ во Прилеп

Со настапот на Kekko Fornarelli Trio од Италија, синоќа на сцената од центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, почна 7 по ред, традиционален „Џез викенд“ (Jazz weekend) во организација на Општина Прилеп, а во соработка со центарот за култура.

Во извонредниот настап на италијанските џез музичари уживаа љубителите и почитувачите на џез музиката и џез културата.

„Многу сум среќен што сум тука во Прилеп за прилепскиот џез викенд. Благодарност до организаторите за оваа покана. Ова е прв пат да сме во Македонија и секогаш е убаво кога откриваш нови работи и патуваш низ светот, бидејќи знаеме дека ова е регион кој многу ја сака музиката и  истовремено ќе ја споделиме нашата музика, на луѓето тука, ќе ги свириме сите наши песни од последниот албум и се надевам дека ќе уживате. Секако се надевам дека во иднина пак ќе гостуваме овде, за некоја друга манифестација или можеби повторно оваа, или пак во Скопје. Но, битно е да  овде во Македонија!

Почнав со свирење пред 15 години и ова е мој петти албум. Многу патуваме по светот од 2012 година. Имаме одржано концерти во околу 42 земји, благодарение на социјалните мрежи каде се промовираме.

Од овде стартуваме со нашата турнеја која што ќе трае до декември. Свириме овде, потоа во одиме во Кореја, Белорусија, Англија, Германија и се надеваме дека добро ќе си ја завршиме работата и ќе привлече што повеќе луѓе низ целиот свет со овој музички жанр“, изјави Форнарели.

На репертоарот на фестивалот синоќа беа и „Fierce“ и Владимир Четкар. Со изборот џез нумери се забавуваше публиката на летната сцена од центарот за култура.

Според организаторите со фестивалот, „Џез викенд“ се заокружува фестивалската програма на Општина Прилеп, за годинава.  Градоначалникот Илија Јованоски, го прогласи фестивалот за отворен, истакнувајќи го значењето на оваа манифестација во локални рамки.

Вечерва, на летната сцена од центарот за култура, забавата во духот на џезот продолжува од 21:00 ч. со настапот на Yordan Kostov & Shanghai Intense, потоа 22:30 ч. ќе настапат Palette Ensemble, Sokratis Votskos Quartet. За бендот на Васил Хаџиманов резервиран е терминот од 23:45 часот.

Годинава освен од Италија и Македонија, гости на фестивалот ќе бидат џез уметници од  Германија, Грција, Србија и Франција.

Уживајте,забавувајте се, со понудата на овој „Џез викенд“ во Прилеп.