Градоначалникот, Илија Јованоски и директорот на ЈКП „Водовод и канализација“, Емил Јанески денеска извршија увид врз градежните работи што се изведуваат на краците од улицата „Гога Димитриоски“ во населба „Варош“.
„Денеска сме на терен во населбата „Варош“ на улицата „Гога Димитриоски“, каде во тек се подготовките на улицата за тампонирање заедно со нејзините краци. Проблемот е настанат со пукање на една стара азбестна цевка и токму затоа со нас е и екипата на ‘Водовод и канализација’, за да се смени и канализационата мрежа која е стара 40 години и е диво поставена без соодветни услови. Пред да се изврши тампонирањето ќе биде сменета и старата водоводна инсталација, а ќе биде ставена и нова канализациона мрежа“, истакна градоначалникот Јованоски, по средбата со жителите од оваа улица.
Директорот на ЈКП „Водовод и канализација“, Емил Јанески најави дека екипте на јавното претпријатие ќе интервенираат што поскоро,стручно и професионално со цел да им се излезе пресрет на потребите на жителите и со цел да не се пролонгираат планираните активности на Општина Прилеп.
„Со наши средства ќе се реши деценискиот проблем за жителите на улицата ‘Гога Димитриоски“, истакна директорот Јанески.
Жителите велат дека асфалтирани улици ќе добијат прв пат, откако се доселиле овде, по 40 години. Тие за задоволни што Општина Прилеп, според нив има слух за нивните барања и потреби.
„Благодарност изјавувам на градоначалникот Илија Јованоски и на директорот Емил Јанески, зашто веднаш излегоа на терен и започнаа со работа. Имавме проблеми со старата канализација, старата водоводна мрежа на улицата, што сега конечно почна да се уредува… Порано имавме доставено повеќе барања до Општина Прилеп. Но, овој пат се изненадив кога по нашето пријавување, веднаш стасаа машините за работа“, изјави Цајко Ристески, жител на улицата “Гога Димитриоски“.
„Четириесет години при секој пороен дожд овде има поплави, ископи,а старата канализација е дотраена. Благодарност до Општината што излезе на терен, да ни овозможи и ние посовремено да живееме и да газиме по асфалт“, изјави Петре Макески, исто така жител на оваа улица.
Општина Прилеп во моментот ја реализира комуналната програма предвидена за оваа тековна, 2018 година, во која се опфатени повеќе улици во градот. Улица ,,Кеј 1-ви Мај“, што се протега од старата автобуска до ул. ,,Димо Наредникот“. Потоа улицата ,,Динара“,патот до населено место Селце во должина од 620метри и улица „Цане Кузманоски“.
ЈКП „Водовод и канализација“, исто така работи на реализација на своја програма, во насока на подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.
“Постојано сме во контакт со општина Прилеп, сè со цел подобрување на условите за живот на граѓаните. Денеска сме овде на улицата ‘Гога Димитриоски’. Пред да биде тампонирана улицата и реконструирана коловозната површина ќе бидат сменети околу 450 метри старата и дотраена азбестна мрежа со нова полиетиленска, а ќе биде реконструиран и дел од канализационата мрежа. Минатата недела беа сменети и цевките од водоводната мрежа на улицата ‘Кеј 4-ти Јули’, а наредниот период очекуваме да бидат сменети околу 400-тини метри канализациона мрежа на улицата ‘Цане Кузманоски’. Ќе бидат обезбедени и повеќе литри вода во секунда, за подобрување на водоснабдуавњето во населенотое место Канатларци. Во тек се активности и за изведување на водоводна и канализациона мрежа во населба Тризла“, рече директорот Јанески.