Општина Прилеп и агенцијата „Ентфинити“ ги привршуваат подготовките за
почетокот на годинешното 16-то издание на „Пивофест“, кое ќе се одржи од 12 до
15 јули. Координативното тело кое се грижи за безбедноста на учесниците и
посетителите на „Пивофест 2018“, а во кое има претставници на локалната
самоуправа, Полициската станица – Прилеп, службата за Итна медицинска
помош, Територијалната противпожарна единица, Агенцијата за храна, Центарот
за управување со кризи, јавните комунални претпријатија и други институции, во
континуитет одржува состаноци, a ќе биде активно се’ до завршувањето на
фестивалот на пивото и скарата.
На триесетина локации со вкупна површина од 4.176 м2, од утре започнува
монтажата на штандовите, поради што булеварот „Гоце Делчев“, на потегот од
раскрсницата пред ЦК „Марко Цепенков“ до некогашната Градска кафеана, во
следните 7 денови ќе биде затворен за сообраќај.
За посетителите од другите градови, на Паркот на револуцијата ќе биде
организирано кампување и за сите нив ќе има појадок и топли напитоци, а ќе
бидат обезбедени и туш кабини. ЈП ПУП ќе се грижи за паркирањето на возилата,
кое од досегашните 100 денари, е намалено на 50 денари за еден ден.
Што се однесува до музичкиот дел, програмата е утврдена и таа, како што велат
од „Ентфинити“, гарантира одлична забава за сите посетители, независно од
нивната возраст и музички афинитети.