Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски го презентираше проектот
„Гасификација на Прилеп“, пред претставниците на прилепските поголеми
компании, денеска во големата општинска сала, заедно со тимот што работи
на реализација на проектот.
„Компаниите се основните двигатели на стопанството, затоа и првиот од
серијата состаноци што ќе ги одржиме, во рамки на првата фаза од проектот
‘Гасификација на Прилеп’ е токму со нив. Од компаниите очекуваме да нè
известат за нивните реални потреби во моментот и проектираните капацитети
во иднина, со цел да ги проектираме точно првите 20 км гасоводна мрежа во
градот“, изјави градоначалникот Јованоски.
Како што рече, Општина Прилеп е подготвена за реализација на првата фаза
на гасификацијата. Општина Прилеп има обезбедено 6 милиони денари за
обезбедување на проектната документација. Основниот проект треба да биде
готов до крајот на оваа година.
„Бенефитите од гасификацијата на сите им се познати. Пред сè еколошките,
бидејќи се намалува во огромна мера штетното влијание од другите извори
на енергија во животната средина. Вака во Прилеп ќе се намали
аерозагадувањето. Сакам да ги охрабрам компаниите, за да ја реализираме
оваа инвестиција од 2020 година. Бенефитите ќе ги имаат сите подеднакво и фирмите и јавниот сектор и домаќинствата“, акцентираше градоначалникот Јованоски.
Во оваа подготвителна фаза како што рече Јованоски, секој стопански субјект
треба да пополни т.н. енергетска картичка, за висината и количеството на гас,
што треба да им се обезбеди. Со анкетата што ќе биде спроведена ќе бидат
опфатени и јавниот сектор и домаќинствата. Проектот има вкупно 4 фази, а
во 2020 година треба да почне изградбата на секундарната мрежа, со
приклучување на посточекиот гасовод „Гама“.
Според надворешниот советник за проектот „Гасификација на Прилеп“; Кире
Настески, гасификацијата е дел од Стратегијата за развој на енергетиката на
Македонија. А, кога ќе почне овој проект во Прилеп, во најголема мера
зависи од фирмите и домаќинствата.
„Колку побргу заврши анкетата, се дефинираат реалните потреби на
стопанското, нестопанството и домаќинството,толку порано ќе имаме реална проекција на потребите. Овие податоци се база за изработка на основниот
проект. Прилеп е приклучен на Делница 2, на јазолот Кавадарци- Битола, а снабдувањето со гас ќе се врши преку гасоводот ‘Гама’. Предвидено е за Прилеп да бидат на располагање 24.000 м3 гас на час. Во моментов во подготовка се идејниот и основниот проект за гасификација. Околу 30 поголеми и помали фирми треба да се приклучат на мрежата. Реализацијата
на проектот и одржувањето на мрежата може да се спроведе на два начина, со јавно –приватно партнерство или пак Општина Прилеп да основа ново јавно претпријатие за таа намена. Вредноста на главниот цевковод на градот што ќе биде во должина од 20 км, ќе изнесува 4 милиони евра“, истакна Настески.
Како што рече најголеми корисници на гасоводот ќе бидат домаќинствата, но
во првата фаза сепак ќе се вклучат компаниите и јавниот сектор. Потоа
станбените згради и домаќинствата.
Присутните стопанственици на денешната средба покажаа голем интерес за
проектот. Дел од нив забележаа дека во одделни стопански зони во градот, до
денеска не биле изработени Детални урбанистички планови.
„Многу често ги слушам овие забелешки дека во градот недостигаат ДУП-
ови. Не знам од кои причини досега не биле изработувани, иако се тие темел
на која било друга активност. Но, кога станува збор за овој проект, ние како
Општина ќе мора првин да изработиме ДУП-ови, потоа компаниите да го
завршат својот дел, и дури потоа да се реализира проектот. Токму затоа што
станува збор за обемна активност и капитален проект на градот, денеска ја
организираме оваа прва средба. Во иднина, интензивно ќе продолжиме со
средби и со другите стопански и нестопански субјекти во градот“, истакна
градоначалникот Јованоски.
Фирмите што не беа денеска присутни на средбата, на веб страницата на
Општина Прилеп, prilep.gov.mk ќе биде ставена апликација, со анкетен лист
за пополнување, а иста таква анкета ќе се спроведува со домаќинствата.