Од 25-ти јуни, па до 4-ти јули, триесетина уметници од Шпанија, Србија, Хрватска, Црна Гора и Македонија, ги создаваат своите уметнички дела во 5 работилници и колонии, кои веќе 61 година ги организира Центарот за современа ликовна уметност од Прилеп. Годинава тоа се сликарската колонија, скулпторскиот симпозиум, студиото за пластика во дрво, како и во атељеата за скулптура во метал и уметничка фотографија. Иако секоја од нив е подеднакво значајна, годинава акцентот е ставен на Интернационалниот скулпторски симпозиум, од причина што тој слави 55 години од постоењето.
Горан Ристески, претседател на здружението Центар за современа ликовна уметност, ја искажа својата благодарност до сите уметници, кои во изминатите 55 години беа учесници на Интернационалниот скулпторски симпозиум, кои со својот труд придонеле ЦСЛУ, градот и државата да се гордеат со оваа манифестација.
„Досега се изработени околу 200 скулптури, од кои 120 се монументални, парковски формат, кои што се изложени во Прилеп, Битола, Скопје и во други градови. Интересот на уметниците за учество на симпозиумот, како и секогаш низ годините, е голем. Се надевам дека и во иднина ќе продолжиме со нашата општествена одговорност и ќе ја
приближиме уметноста до сите граѓани. Во овие 10 дена околу 30 уметници ќе творат во сите работилници кои ги опфаќа Центарот“, потенцираше Ристески.
Градоначалникот Илија Јованоски, ја истакна подготвеноста на Општина Прилеп и во иднина да ги поддржува колониите и работилниците кои ги организира Центарот за современа ликовна уметност. Тој истакна дека сите 200 скулптури кои се дело на голем број уметници од земјата и странство, претставуваат непроценливо културно наследство за Прилеп и прават градот да биде најголемата галерија на уметнички дела
во Македонија на отворено.
„Општина Прилеп секогаш дава поддршка на
уметничките збиднувања.
И оваа година издвои финансиска помош во знак на поддршка на Центарот за современа ликовна уметност. Тие и во иднина ќе ги
организираат колониите и дружењата со уметниците не само од земјата,
туку и од странство. Ми претставува чест да бидам во една ваква дружба со нив, бидејќи сите тие создаваат уметнички дела кои се културно наследство за Прилеп, што е значајно за туризмот и уметноста. Затоа уште еднаш сакам да им ја честитам 55 годишнината од постоењето на овој симпозиум“, изјави градоначалникот Јованоски.
Интернационалниот скулпторски симпозиум, како што истакнуваат организаторите, не би можел да се одржува без помошта на прилепскиот Мермерен комбинат. Извршниот директор на Мермерниот комбинат, Периклес Николау, рече дека постои фасцинантна
комбинација помеѓу прилепскиот бел мермер и имагинацијата на уметниците.
„Кога нивната фантазија ќе ја поврземе со нашиот прекрасен бел ‘Сивец’, секогаш доаѓаме до резултати кои што не’ изненадуваат. Тоа претставува придобивка не само за Прилеп, туку и пошироко за уметничкиот свет. Се радувам што имаме можност да ја поддржиме оваа манифестација, истото ќе правиме и понатаму. Им се заблагодарувам на организаторите и на градоначалникот и во иднина очекуваме уште поголеми резултати“, вели Николау.
Скулпторите Татјана Каравелиќ, Марина Стопоња, Милија Стојановиќ и Џузепе Спито, доаѓаат од Србија, Хрватска, Црна Гора и Шпанија се дел од 55.Интернационален скулпторски симпозиум. Тие за прв пат учествуваат на колонијата и зборувајќи за своите импресии, не пропуштаат да ја истакнат љубезноста на домаќините и на граѓаните на Прилеп. Задоволни од условите, напоменуваат дека прилепскиот мермер
е одличен за работа.
Во 60-те години постоење на колониите и работилниците на ЦСЛУ, создадени се повеќе од 1.500 уметнички дела, кои претставуваат трајно културно наследство на нашата држава. Идејата за формирање на Центарот за современа ликовна уметност, потекнува од проф.д-р Бошко Бабиќ и академскиот сликар проф.Ристо Лозановски, кои пред 61 година во Прилеп ја организираа првата Интернационална сликарска колонија.