На вечерашната рекреативна, хуманитарна трка за помош на лицата со церебрална парализа во Прилеп, учествуваа повеќе од 1.000 граѓани, кои со уплатата на котизацијата од 100 денари за учество на трката, го помагаат опремувањето на Дневниот центар за лица со церебрална парализа. Рекреативно донаторската трка беше во организација на Општина Прилеп, „Гентерм Македонија“, „Комфи Ангел“ и Регионалната канцеларија на Стопанската комора.
„Јас сум родител на дете со попреченост, мило ни е за настанот и за отворањето на Центарот. Ние, родителите, го запознавме градоначалникот со нашите потреби. Тој нѐ ислуша и го исполни неговото ветување. Моето дете има седум и пол години и во тој период сме се сретнале со многу неприлики во однос на школување и престој на децата, а тука спаѓаат и работата и егзистенцијата на родителите. Мислам дека овој Центар би бил добар за развојот, како за физичкиот така и за интелектуалниот, когнитивниот, мисловниот развој на децата со попреченост. Мило ми е што се одржува трката, бидејќи секој собран денар е од полза на Центарот. За нас, родителите, Центарот ќе биде од голема помош, бидејќи доколку не се бабите и дедовците да ги чуваат децата, ние немаме можност некаде да работиме и да придонесуваме за дома. Кога би можеле да ги оставаме во целодневен престој, ние би можеле да работиме а децата да бидат згрижени баш онака како што треба. Како што напомена и градоначалникот, Центарот ќе вклучува и вработување на неколку родители, во зависност од образованието и потребите, така што ќе можат да бидат вклучени во работата на Центарот“, вели Бранка Пројческа, родител на дете со попреченост.
„Овој Центар е потреба за нас родителите и за нашите деца, за да бидат згрижени во Центарот. Досега сме немале можност да одиме на работа, бидејќи сме немале кому да ги оставиме децата, немало услови за тоа. Упатуваме голема благодарност до градоначалникот за неговиот напор за отворање на овој Центар“, изјави Билјана Стојческа, родител на дете со церебрална парализа.
Градоначалникот Илија Јованоски најави дека оваа трка ќе прерасне во традиционална.
„Компаниите ја покажаа општествената одговорност, граѓаните својата хуманост,сите заедно помагаме за подобра нега и згрижување на децата со церебрална парализа. Се надевам дека оваа трка ќе прерасне во традиционална“, рече градоначалникот Јованоски.
Во новиот Дневен центар за лица со церебрална парализа Општина Прилеп вложува 2.5 милиона денари, а речиси исто толку средства ќе бидат вложени од Министерството за труд и социјална политика. Наскоро се очекува да финишира реконструкцијата на објектот, и неговото целосно опремување, така што според најавите, за месец ипол овој Дневен центар ќе биде официјално отворен. Овој проект е дел од изборната програма на градоначалникот Јованоски.