Утревечер,на 24.06.2018 (недела) со почеток во 19:30 часот, ќе се одржи
рекреативно донаторската трка во должина од 5км во централното градско
подрачје, под мото „Трчаме заедно за лицата со церебрална парализа“. Овој
настан е во организација на Општина Прилеп, „ГЕНТЕРМ Македонија“, „Комфи
Ангел“ и Регионалната канцеларија на Стопанската комора.
Пријавени се повеќе од 1.000 учесници, а од нив 400 се од прилепската
конфекција со мешовит македонско-англиски капитал „Комфи-ангел“. Носител
на иницијативата е „Гентерм“, а поддршка на настанот доаѓа и од „Кожувчанка“,
„Пелистерка“, конфекцијата „Кули“, Тутунски комбинат, Мермерен комбинат,
Витаминка, Прилепска Пиварница, јавните комунални претпријатија
„Комуналец“ и „Водовод и канализација“, ЈП за ПУП, основните прилепски
училишта ‘Страшо Пинџур’, ‘Кире Гаврилоски –Јане’, “Рампо Левката“,
невладините организации „Сега“, „Ротаракт“ од Прилеп, здружението за
модерни танци „Данделион денс“ и други.
За секој граѓанин учесник во трчањето, Општина Прилеп обезбеди
благодарници во замена за нивниот хуман гест. Котизацијата за учество на
донаторското трчање е 100 денари, средства што
хуманите граѓани ги уплатија на буџетската сметка на Општина Прилеп.
Собраните средства ќе бидат наменети за набавка на дел од потребната
опрема за Дневниот центар за лица со церебрална парализа, што ќе биде
отворен во јули, годинава.
Реконструкцијата на објектот е при крај. Но, поради големите трошоци за
одржување, скапата апаратура и опрема којашто е потребна за непречено
работење на Центарот, Општина Прилеп во соработка со приватните стопански
компании „ГЕНТЕРМ Македонија“, „Комфи Ангел“ и Регионалната стопанска
комора, го организираа овој настан во недела.
Со ставање во функција на Дневниот центар, после Скопје, Прилеп ќе биде
втор град во државата, кој што ќе отвори ваков центар, со капацитет на
згрижување од 25 до 30 штитеници.
Покрај средствата на Министерството за труд и социјална политика, со свои
средства во изградбата на Дневниот центар учествува иОпштина Прилеп, која
за првата фаза оддвои 2.5 милиона денари, средства пренаменети од буџетот
на Општина Прилеп, со одлука на Советот на Општина Прилеп. Средствата ќе
бидат искористени за набавка на опрема и специјално возило за транспорт на
граѓаните со церебрална парализа, од нивните домови до објектот. После отворањето, тековните трошоци за одржување на центарот и храната за згрижените граѓани, ќе биде обврска на Општина Прилеп.
Дневниот центар за лица со церебрална парализа е проект, од изборната Програма на градоначалникот Илија Јованоски.