Чествувањата по повод „3-ти Ноември“, Општина Прилеп ги започна изутрината со полагање свежи цвеќиња и оддавање почит пред споменикот на паднатите борци во месноста „Пејсобрдце“ каде пред 73 години се одиграла најжестоката битка за конечно ослободување на Прилеп.
Делегација од Општина Прилеп, предводена од градоначалникот Илија Јованоски, делегација од Советот на Општина Прилеп предводена од претседателот Миле Талески, делегација од прилепската организација на Сојузот на борци, претставници од АРМ, политички партии и граѓани положија свежи цвеќиња пред спомениците на Методија Андонов – Ченто, Кузман Јосифоски – Питу, на бистите од народните херои во Алејата, пред споменикот „Жена борец“ и Могилата на Непобедените.
Градоначалникот Јованоски оддавајќи им почит на паднатите борци, на хероите коишто своите животи ги вградија во денешната слобода упати посебна честитка до Сојузјот на борци – Прилеп, како организација која што ги негува традициите од НОБ.
„Да се потсетиме на нивното херојско дело, но и да го продолжиме аманетот. Да ја зачуваме слободата. Во оваа пригода, посебно упатувам празнични честитки до општинската организација на Сојузот на борци, која што ги негува традициите од НОБ. Минатото нè води до сегашноста, а сегашноста е влог во нашата иднина. Затоа токму од ова светилиште, сакам да порачам дека новата локална власт и јас како градоначалник, интензивно работиме и максимално се залагаме Прилеп да стане достоинствено место за живот на сите граѓани.
Европска иднина, економски развој и стабилност и перспективи за младите генерации се приоритетот на нашата агенда“, порача градоначалникот Јованоски.
Претседателот на боречката организација Круме Соколоски, во своето обраќање потсети на влогот на Прилеп во историското минато и денешната слобода.
„Прилеп со овој споменик, Могила на непобедените, даде свој придонес во одбележувањата, но и споменот на сите народни херои и борци кои ги дадоа своите живот за слободата на Македонија. Не случајно првата пушка пукнала во Прилеп во 1941 година, не случајно Прилеп дал 15 народни херои со кои треба да се гордееме и не е случајно што Прилеп беше најреволуционерниот град. Доказ за сето ова е оваа Могила каде се наоѓаат моштите на многу наши борци. Со решенијата на АСНОМ 1944 година се оформи Македонија после многу векови на ропства и самопрогласени кралства. Ова празнување Градот Херој секогаш го одбележува и никогаш овие настани да не се заборават, младите да ја почитуваат историјата затоа што без минато нема сегашност и нема иднина“, рече Соколоски.
Претседателот на Советот на Општина Прилеп, Миле Талевски оддавајќи им почит на хероите, ги акцентираше современите заложби за отворање нови перспективи за младите.
„Нашите предци кои што се избориле за слободата што ја имаме, сега е мотив повеќе ние како нови генерации да се избориме за нови работни места, за економски просперитет, да се избориме младите да останат и да работат дома. Нека им е вечна слава на сите борци од НОБ“, изјави Талевски.
По повод празникот „3-ти Ноември“ градоначалникот Јованоски оствари средби со претставници на организацијата на борци и со поранешните градоначалници и претседатели на Прилеп, од осамостојувањето на Македонија до денеска.
Чествувањата продолжуваат вечер во 20 часот. На свечена седница на Советот на Општина Прилеп, во големата собраниска сала, на годинешните лауреати ќе им бидат врачените наградите „3-ти Ноември“.