На денешната 15 седница на општинскиот Совет, советниците расправаа по 10
точки од дневниот ред. Советниците донесоа Одлука за измена на распоредот на
средства на буџетот за 2018 година. Станува збор за неискористени средства од
блок дотации за 2017 година, кои се пренасочуваат за реконструкција и санација
на основните и средните училишта во градот.
„Средствата кои не биле искористени во тој временски период, се
прераспределуваат за основните и средните училишта во градот, со цел да се
реализираат проектите со кои локалната самоуправа ги задолжи директорите на
училиштата, во најбрз временски рок да извршат санација на училишните згради.
На денешната седница донесовме одлука со која цената за паркирање на
моторните возила за време на „Пивофест 2018“, се намалува од 100 на 50 денари.
Жалам што советничката група на ВМРО-ДПМНЕ не ја поддржа Одлуката за
намалување на цената“, изјави претседателот на Совет на Општина Прилеп,
Миле Талевски.
Во духот на транспарентното функционирање на локалната самоуправа,
прилепските советници изгласаа Одлука за официјализирање на соработката,
односно потпишување на меморандум за соработка помеѓу Општина Прилеп и
организаторот на „Пивофест 2018“, „Ентфинити“. Членовите на општинскиот
Совет изгласаа Одлука за утврдување на критериуми и стандарди за поставување
на урбана опрема, со која опфатот на користење на јавна површина пред
деловните објекти на градскиот плоштад, се прошири од 4.5 на 6 метри.
Советниците им дадоа “зелено светло“ на предлог одлуките за подигање, чување,
одржување, заштита и користење на спомен-обележјето во чест на Ненад
Серафимоски и за ослободување од плаќање надомест за уредување на
градежно земјиште за изградба на црковна трпезарија со административен дел, во
состав на храмот „Св.преподобна маченица Параскева“ во населбата „Точила“.
Исто така, беше изгласана Одлука за пренесување на правото на користење и
управување со недвижен имот, со која поранешните простории на ЈКП „Водовод и
канализација“ кои се наоѓаат зад старата општинска зграда, му се доделуваат на
користење на ЈКП „Комуналец“.