Со пригодна свеченост, денеска беше одбележана 74 годишнината од смртта
на Народните херои Кире Гаврилоски–Јане и Круме Волнароски, кои загинале
на денешен ден, 9-ти мај, 1944 година. Делегации од Општина Прилеп,
Советот на Општина Прилеп, Сојузот на борци, вработени во училиштата,
членови на семејствата на загинатите херои, денеска положија свежо цвеќе
пред спомениците на Кире Гаврилоски-Јане и на Круме Волнароски, во Прилеп
и во населеното место Тополчани.
Двете основни училишта во Прилеп и Тополчани, кои ги носат имињата на
Народните херои, своите патрони празници ги одбележаа со богата културна
програма.
Кире Гаврилоски-Јане и Круме Волнароски загинале во куќа на улицата „Спасе
Темелкоски“ во Прилеп. Откако биле предадени, куќата била опколена од
стотина бугарски војници и полицајци. Кире и Круме давале силен отпор против
окупаторот, кои после повеќечасовна борба, ја запалиле куќата. За да не
паднат живи во непријателските раце, двајцата Народни херои се решиле на
саможртва.