Министерот за економија Крешник Бектеши и сопственикот на македонско-
турската компанија „Волостоун“, Муталип Буши, денеска во просториите на
Општина Долнени го потпишаа Договорот за концесија за детални геолошки
истражувања на минерални суровини. Станува збор за инвестиција од 7,3
милиони евра, што ќе бидат распределени помеѓу Владата и двете општини,
Прилеп и Долнени. Согласно Законот за минерални суровини, 78% од парите ќе
им припаднат на општините. На сметката на Општина Прилеп веќе се легнати 2
милиона евра, а на сметката на Општина Долнени 3,7 милиони евра.
„Имајќи го предвид Законот за минерални суровини, 78% од надоместокот им
припаѓа на општините и средствата веќе се префрлени на нивните сметки.
Очекуваме дека овие средства двете општини ќе ги искористат за
инфраструктурни проекти, водоводи, канализации и, генерално, за локален
економски развој. Со инвестицијата ќе бидат креирани нови работни места, а ќе
биде зголемен и извозот. Веруваме дека жителите на двете општини на терен ќе
видат конкретни проекти, што ќе бидат реализирани како резултат на оваа
инвестиција“, истакна министерот Бектеши, после потпишувањето на Договорот.
Според плановите на сопствениците на „Волостоун“, следните 4 години
компанијата ќе инвестира дополнителни 22 милиона евра, а ќе биде изградена
фабрика во која ќе работат 500 работници.
„Ние досега вложивме околу 7,3 милиони евра, планираме во рок од 4 години да
инвестираме плус 22 милиони евра. Ќе изградиме голема фабрика во која ќе има
уште 500 вработувања, најмалку. А, за почеток веднаш штом почнеме со работа,
ќе имаме 100 вработувања. Со работа ќе започнеме веднаш, штом ги обезбедиме
потребните документи“, изјави Муталип Буши, сопственик на „Волостоун“,.
Искажувајќи го задоволството од потпишаниот договор, прилепскиот
градоначалник Илија Јованоски го потенцираше значењето за општините Прилеп
и Долнени.
„Ако денот по утрото се познава, општините Прилеп и Долнени имаат светла
иднина, затоа што овие средства кои што пристигнаа во нашите општини, ќе бидат
искористени за подобрување на инфраструктурата, за подобрување на проектите
што ги имаме планирано и зацртано“, рече градоначалникот Јованоски.
Градоначалникот на Долнени, Џемил Ќамили, истакна дека најголемиот дел од
парите ќе бидат потрошени на изградба на водоводи, канализации и училишта во
населените места, но и за враќање на наследениот долг од 2 милиона евра.
На потпишувањето на Договорот присуствуваше и министерот за животна средина
и просторно планирање, Садула Дураки.