Се асфалтира патот кон Вештачкото езеро во Прилеп

Во тек се активности за санирање на руинираниот регионален пат Р1312, на
потегот Прилеп – Извор- Велес. Градоначалникот Илија Јованоски денеска на
терен ја согледа актуелната состојба, имајќи ја предвид важноста на овој патен
правец.

„Се наоѓаме на патот Прилеп – Вештачко езеро, каде екипите на ‘Македонија
пат’ работат на рехабилитација на овој потег во должина од 2,6 км, кој што е
под ингеренции на Јавното претпријатие за државни патишта. Вредноста на
оваа инвестиција е 20 милиони денари, а половина од нив односно 10 милиони
денари се обезбедени од буџетот на Општина Прилеп. Останатите пари се од
Јавното претпријатије за државни патишта. Ова е првата фаза на
рехабилитација на овој потег Прилеп – Вештачко езеро. Се врши асфалтирање
на овој дел, а во втората фаза ќе бидат направени велосипедски и пешачки
патеки. За оваа цел е изготвен проект што наредниот период ќе биде
реализиран. По шест месеци од моето доаѓање на функцијата градоначалник,
започнавме со реализирање на ветените проекти во изборната кампања, а во
почетокот на наредната година, ќе ја реализираме и втората фаза“, истакна
градоначалникот Јованоски.

 

Според најавите, поради градежните работи идните две недели сообраќајот на
овој пат ќе се одвива по една коловозна лента. За поголема безбедност на
сообраќајот поставена е и соодветна сигнализација.